Осумте критериуми на ЕК за Македонија станаа десет
ПОСТОЈАТ ЛИ ДВОЈНИ СТАНДАРДИ ЗА ДОБИВАЊЕ ДАТУМ ЗА ПРЕГОВОРИ?
Листата од осум бенчмаркови кои ни ги постави Европската Комисија се надополни по изборните инциденти на 1 јуни, грчкото вето за влез на Македонија во НАТО на самитот во Букурешт и особено по најавите од страна на јужниот сосед дека тоа ќе се случи и со датумот за преговори за членство во ЕУ

Спроведувањето на фер и демократски избори и решавање на проблемот за името со Грциија, се наметнаа како деветти и десетти услов кој Македонија треба да ги исполни за да добие датум за преговори за членство во ЕУ.

Листата од осум бенчмаркови кои не ги постави Европската Комисија се надополни по изборните инциденти на 1 јуни, грчкото вето за влез на Македонија во НАТО на самитот во Букурешт и особено по најавите од страна на јужниот сосед дека тоа ќе се случи и со датумот за преговори доколку спорот за името дотогаш не биде решен.

По ова кај дел од јавноста и меѓу политичките аналитичари се поприсутен е ставот дека за влез на Македонија во евроатлантските структури важат двојни стандарди. Ако условот за фер избори сами си го наметнавме, оној кој го наметнува Грција е ирационален.

Деканот на факултетот за политички науки на Првиот Приватен Универзитет - Европски Универзитет Република Македонија, проф-др. Живко Андревски вели дека за Македонија постојат двојни аршини.
-Самиот проблем со името кој го наметна Грција и ветото во Букурешт и покрај времената спогодба е доказ за тоа. Одложувањето на датумот за преговори е најмногу за ќеф на Грција. Што се однесува до спроведувањето на изборите, во иднина може да се случи да имаме минимални неправилности во изборниот процес, а ЕУ тоа повторно да го истакне како причина зошто не добиваме датум за преговори. Македонија ќе стане дел од ЕУ во пакет заедно со Србија, Црна Гора. За разлика од овие земји Хрватска поради други поволности претходно ќе биде дел од Унијата, вели Андревски.

И Владимир Мисев од Институтот за демократија вели дека бенчмаркот за фер избори сами си го наметнавме.
-Дилемата дали сме способни да спроведеме фер избори се наметна по 1 јуни и инцидентите во изборниот процес. Од друга страна од перспектива на бенчмарк проблемот со името не постои, но постојат тврдења дека токму Грција влијаела да добиеме негативен извештај, иако тоа не можеме да го потврдиме, вели Мисев.