Кодошите повторно на кандидатски листи?!

КОМИСИЈАТА ЗА ЛУСТРАЦИЈА НИКАКО ДА СЕ ФОРМИРА



Бидејќи повеќе од десет месеци се чека на формирањето на комисијата, во пресрет на претседателските и локалните избори идната година не постои орган кој ќе ги верификува изјавите на функционерите дека во минатото не биле соработници на тајните служби


И по повеќе од десет месеци од донесувањето на законот за лустрација, комисијата која треба да ја спроведе сеуште не е формирана. Ако при првиот конкурс проблем беше тоа што само шестмина од пријавените 49 кандидати имаа комплетна документација, овој пат проблемот е во бројот на членови кои ќе ги предложат власта и опозицијата.

Од овие причини никој не може да ги верификува изјавите на функционерите дека во минатото не биле соработници на тајните служби и не работеле против државата.

Од опозиционата СДСМ велат дека од вкупно 11 члена бараат да имаат четири и Претседател на комисијата. Тие сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ го кочи процесот бидејќи сака да се спроведе политичка лустрација.
-Комисијата требаше да се формира многу одамна. СДСМ нема проблем со лустрацијата. Сите членови на нашата партијата имаат дадено изјава дека не соработувале со тајните служби, меѓутоа нема кој да ги разгледува. Јасно е дека ВМРО-ДПМНЕ не сака да се спроведе процесот на лустрација туку сака партиска комисија која ќе спроведе политичка лустрација. Оваа партија бара апсолутно мнозинство во комисијата, вели Цветанка Иванова од СДСМ.

Во ВМРО-ДПМНЕ пак велат дека социјал-демократите не сакаат да отстапи од стартните позиции, дека не се подготвени за компромис и дека тие сакаат мнозинство во комисијата.
-СДСМ бара да има шест члена и Потпретседател или пет со Претседател. Оваа партија е со намера да го закочи процесот. Правиме напори и по цена на ослабување на нашите позиции, да се оформи оваа комисија. Прашање на денови е кога ќе закажам седница на комисијата за избори и именувања на која ќе треба да ги расчистиме сите дилеми и комисијата да се формира пред изборите. СДСМ бара состав во нивна полза само за да не може да се постигне договор, изјави Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Предлагачот на законот, Стојан Андов вели дека во Македонија ќе имаше поздрава политичка клима доколку лустрацијата се спровела во минатото.
-За целиот состав на комисијата треба да постои консензус. Без тоа нема успех, вели Андов.