СО ПАРИ ОД ЕВРОПСКАТА УНИЈА

Отворена лабораторија за анализа на виното



Земјоделскиот институт од вчера работи со реновирана и модернизирана енолошка лаборатирија, која е опремена со нова и софистицирана опрема за анализа на вино.
Во модернизацијата се инвестирани 205 илјади евра обезбедени од Европската унија. Спроведена е и обука за персоналот во лабораторијата.
- Поставувањето на новата опрема ќе овозможи енолошката лабораторија да применува напредни и софистицирани методи и техники на анализа, кои ќе помогнат да одговори на потребата на винскиот сектор за усогласување со меѓународните барања, како и со барањата на Европската комисија - рече директорот на Земјоделскиот институтот Бошко Мукаетов, јави МИА.

Енолошката лабораторија, посочи Мукаетов, е значаен сегмент на винарската индустрија која го гарантира квалитетот на македонските вина пред европската и светската јавност.
Директорот на Земјоделскиот институт најави дека е планирано енолошката лабораторија освен за нејзината примарна цел, да се користи и во научни цели и на тој начин постојано да ги усовршува методите на работа. Земјоделскиот институт има намера овој капацитет да го користи и во наставниот процес, во рамки на последипломските студии по енологија, со што ќе се продуцираат нови кадри, специјалисти по енологија.

На свеченоста присуствуваа и министерот за земјоделство Ацо Спасеновски и претставникот на Европската унија во Македонија Ерван Фуере, кои оценија дека со модернизацијата енолошката лабораторија станува водечка институција за проценка на квалитетот на македонските вина, особено во контекст на напорите на земјата за зголемување на квалитетот и квантитетот на флаширано вино наменето за извоз.

Според министерот Спасеноски, со зголемувањето на лозовите насади и винарските визби во Македонија, се зголемува и потребата од зајакнување на контролата на виното и инвестирањето во аналитичките капацитети.
- Се надеваме дека се повеќе ќе се произведува вино и флаширано ќе се пласира на странските пазари. Сега е поголем процентот на вино кое се извезува во цистерни, а треба да е спротивно, бидејќи само како флаширано ќе си го најде својот бренд на странските пазари - укажа Фуере и потсети дека Европската унија е главниот пазар за извоз на македонското вино.