Бели Мугри осамнаа на словенските јазици

ПРОМОЦИЈА ВО ВЕЛЕС



Во рамките на одбележувањето на 100-годишнината од раѓањето на големиот Кочо Солев Рацин во Велес беше промовирана книгата "Кочо Рацин-Бели Мугри на словенските јазици". "Копачите", "Ленка", "Тутуноберачите" и многу други препознатливи скапоцености на поетот Рацин, прозвучеа во неговиот Велес на десет словенски јазици. Во издание на "Силонс" и "Клуб Матица" книгата ја уредија Раде Силјан и академик Гане Тодоровски, а Силјан се обрати со "Беседа за Рацин".
- Во својата поезија Кочо Рацин ја преслика душата на Македонецот и македонската земја. Рацин е епоха за себе, одбележана и со името и со поезијата, истакна Силјан.

На промоцијата студенти од Филолошкиот факултет "Блаже Конески" ги интерпретираа Рациновите стихови на македонски, руски, хрватски, словенечки, српски, белоруски, чешки, бугарски, словачки и украински јазик. Актерот Владимир Јачев, со рециталот "Кочо Рацин-Балада за непознатиот" не потсети на Рациновото време и Рациновата душа.