Светло сиво / Ѓавол во срцето

Филм од 1993 година


Главна личност во третата сторија од филмот „Светло сиво“, под наслов „Ѓавол во срцето“, е лукавиот човек. Ѓаволот ја врши својата функција сè до оној момент додека не се појави некој поитар од него. Во случајот тоа е лукавиот, кој со својата приказна за неисполнување на договорот што го склучил со ѓаволот, го манипулира Фидан, соседот на Бронски кој има агенција за паранормални нешта. Станува збор за говорна мана на лукавиот кој, за да се ослободи од неа, му ја продава душата на ѓаволот.

Фидан е кроток човек под постојана пресија од својата сопруга заради неговата плашливост и нерешителност пројавени во некои помалку или повеќе битни моменти во неговиот живот. Тој ист Фидан се согласува да му помогне на лукавиот, и да ја исправи неправдата што му ја нанел ѓаволот. Ѓаволот е личност со манири, тој држи до себе, до кажаното и потпишаното, и дотогаш не му се случило да згреши - но лукавиот спроти него, навистина сè уште ја има говорната мана: тешко зборува. Збунетиот ѓавол се согласува да го раскине договорот, ги наоѓа взаемно потпишаните документи за продажбата на душата. Тогаш лукавиот се демаскира, почнува јасно да зборува и ѓаволот кој се соочува со некој што и него го измамил, добива срцев напад. Го пренесуваат со амбулантна кола во болница, а тој тогаш признава дека на сличен начин го презел тронот од претходниот ѓавол, и вели дека секогаш ќе се најде некој којшто и од лукавиот ќе е полукав.

Режија: Митревски Дарко
Сценарио: Дуковски Дејан, Митревски Дарко
Директор на фотографија: Самоиловски Владимир
Монтажа: Чемчев Вангел - Лаки
Продуцент: Мижимаков Панта
Главни улоги: Дамовски Борис, Јовановски Владо, Митревски Дарко, Ристановски Никола, Спасовски Стево, Чамински Александар
Музика: Пејовски Илија
Асистент снимател: Ферро Бранд