Тетовирање

Филм од 1991 година


Приказната се случува во летото 1989 година за време на умирањето на комунизмот, последната голема човекова завера кон Бога. Филмот зборува за беспрекорноста на функционирањето на апсурдот, репресијата и насилството, за жал, единствените неизбежни константи на југо-фатумот. Дејството на „Тетовирање“ се развива тргнувајќи од една апсурдна ситуација, кога главната личност Илија, кој и инаку, според својот нескротлив темперамент како да е предодреден да биде во конфликт со официјалните сили што го „штитат“ поредокот, по една караница со сопругата го напушта домот со единственото што го поседува, празниот куфер.

Сакајќи да најде малку мир, оди на железничката станица, каде што им станува сомнителен на двајца полицајци - и поради само за нив познати причини, го апсат. Во Истражниот затвор, Илија со неколкумина други уапсени истиот ден, се третирани - априори - како криминалци. Тие се подложени на неверојатно драстична вербална и физичка тортура. Илија, свесен за својата невиност, не може да се согласи со тоа и со право очекува да биде ослободен, уште повеќе што таткото на неговата сопруга е познат адвокат. Меѓутоа, истражната попстапка се одолговлечува, и Илија се соочува и ги преживува сите „финеси“ на затворското живеење во кое, покрај присилата од затворските чувари, затворениците се изложени и на уште една, на свој начин дури и посурова тортура од страна на закоравените криминалци.

По една таква ситуација, кога борејќи се за сопствениот живот во тепачка со криминалецот Љупчо, кој потоа, не по вина на Илија, им подлегнува на повредите, тој е обвинет за убиство и е упатен на издржување на затворската казна. Со тоа, односот меѓу сопружниците добива нова, дури и побогата димензија; миговите на посети од страна на неговата сопруга му даваат на Илија сила да истрае и да се бори за ревизија на процесот. Меѓутоа, еден ден, очекувајќи го доаѓањето на сопругата, Илија, без своја волја, е вовлечен во бегството на затвореникот Змија. Бегството завршува трагично и за самиот Илија. Убиен е од специјалец со куршум испукан во челото на сликата на Исус - истетовирана на неговите гради.

 

Режија: Попов Стојан - Столе
Сценарио: Ковач Мирко
Директор на фотографија: Самоиловски Мишо
Снимател: Самоиловски Владимир
Монтажа: Чемчев Вангел - Лаки
Главни улоги: Аранѓеловиќ Столе, Јовановски Мето, Меѓеши Љиљана, Михајловски Јовица, Поп-Христов Кирил, Цветковиќ Светозар, Цвијановиќ Зоран, Чамински Александар, Чевревски Данчо
Споредни улоги: Ајрула - Тозија Сабина, Ангеловски Шишман, Арсовски Петар, Дуковски Самоил, Јачев Владимир, Јашар Мустафа, Јолевски Ѓорѓи, Клинче Атила, Крстевски Младен, Музаферија Заим, Павловски Предраг, Ристевски Кирил, Спасовски Стево, Стојанова Милица, Чоревски Благоја, Шехтански Александар
Музика: Константинов Љупчо
Директор на филм: Мижимаков Панта