Среќна Нова ‘49

Филм од 1986 година


Дејството на филмот започнува во јуни 1948 година. Група југословенски студенти, кои беа на школување во СССР, по несогласувањата меѓу двете земји се враќаат дома. Меѓу другите кои решиле да се вратат, се и Драгослав, неговата девојка Вера и блискиот пријател Градимир, кого раздвојувањето со СССР го доведува до низа внатрешни конфликтни ситуации, кои конечно кулминираат со чинот на неговото самоубиство на железничката станица во Суботица. Истрагата во врска со самоубиството започнува веднаш, и Драгослав, како негов пријател и сопатник, дава објаснување за мотивите на самоубиството. Семејството на Драгослав го очекува неговото враќање, дотолку повеќе што неговата мајка, тешко болна, е пред умирање. Таткото Стојан, по професија каменорезец, се грижи за егзистенцијата на семејството.

Тука се уште и неговата сестра Нела во годините кога престанува да биде дете, и браќата, помалиот Коле и Коста, гимназијалец, кој пред матурата заминува од училиштето. Тој се занимава со црноберзијански работи. За него нема повеќе авторитети, како што нема ни непознаници во живеењето „на работ“. Драгослав дома ја доведува и Вера со која сака да се ожени. Првата средба на Драгослав и Коста завршува со тепачка поради желбата на постариот брат Коста да живее и да се однесува во согласност со нормите на граѓанскиот живот. Непосредно потоа Драгослав е одведен од ОЗНА. Тој е обвинет дека е советски агент и е задржан во истражниот затвор. Времето минува, мајката умира. Судбината на Драгослав е неизвесна, а Вера и понатаму живее во куќата на неговиот татко. Коста се обидува да му помогне на братот, но единствено што може да понуди се пасошите, купени со парите од продажбата на реткиот и скапоцен пеницилин. Коста доаѓа во конфликт со Бургер, криминалец, кому не му се допаѓа „инвентивноста“ на Коста во работите со кои се занимава и тој самиот. Кон крајот на летото, кога таткото ги носи Нела и Коле на село, Вера и Коста остануваат сами во куќата. Така, една вечер во куќата доаѓа Бургер со луѓето кои работаат за него. Нивната намера е физички да се пресметаат со Коста. Меѓутоа, Коста има пиштол и тешко го повредува Бургер во ногата.

По ова останувањето на Вера во празната куќа е невозможно и Коста ја сместува во изнајмен стан. Тука, дотогаш недефинираните и забранети чувства во нивната ситуација, стануваат реалност и Вера не се враќа во куќата. Драгослав не е повеќе под обвинение. Од него се бара по излегувањето од затворот да соработува со органите на власта. Веќе е зима, тој се враќа дома, видно остарен и со безброј дилеми за сè она што се случуваше со него во времето на истрагата. Драгослав знае што се случи помеѓу Вера и неговиот брат Коста. Затоа го игнорира нејзиното присуство во градот, сè до оној момент кога Коста му соопштува дека Вера, всушност, била заврбувана од НКВД, уценета со судбината на нејзиниот брат во СССР. Дури тогаш Драгослав оди кај неа. Кај него преовладува презирот што го чувствува поради нејзиното „предавство“. За Вера нема повеќе надеж, сама е во својата пустош и се самоубива. Така и ја наоѓа Коста кога сиот претепан од Бургер и неговите доаѓа да и каже дека заминува. Така ја наоѓаат и агентите на ОЗНА дојдени по пријавата на Драгослав.

Тој ја извршил својата граѓанска должност и стравотно го доживеа својот морален пад, по којшто животот повеќе нема смисла. Драгослав се самоубива во исто време кога неговиот брат Коста, барајќи го својот пат, под вагонот на железничката композиција, илегално ја минува границата.

 

Режија: Попов Стојан - Столе
Сценарио: Михиќ Гордан
Директор на фотографија: Самоиловски Мишо
Монтажа: Чемчев Вангел - Лаки
Главни улоги: Арсовски Петар, Грозданов Мите, Ѓорчев Александар-Ацо, Јовановски Мето, Костовски Душко, Милосављевиќ Владица, Симоновски Кире, Стојанова Милица, Тодоровски Гоце, Трпкова Синоличка, Цветковиќ Светозар
Споредни улоги: Бисерков Ѓорѓи, Јашар Мустафа, Крстевски Младен, Михајловски Јовица, Петрушевски Ванчо Иван, Шехтански Александар
Музика: Константинов Љупчо
Директор на филм: Мижимаков Панта