Димо Хаџи Димов, идеолог и теоретичар
Во однос на македонското прашање од социјалистот Димо Хаџи Димов уште во 1901 г., истото го разработува во брошурата „Македонското прашање“.
По анализата на балканските анексионистички аспирации во однос на Македонија, се задржува на политиката на Бугарија која е најактивна во тоа време со шовинизмот кон македонското прашање. За ова Хаџи Димов таму, истакнува:

“Бугарската буржоазија преку своите влади не може да мисли и да чувствува поинаку, освен како што бараат нејзините интереси. А нејзините интереси бараат присоединување на Македонија кон Бугарија. И тоа е сосема природно, со оглед на нејзината класна природа. Затоа, пак, поинаков треба да биде ставот на бугарската социјлдемократија“.

Димов ова гледиште го застапува и во полемичката статија од истата година во социјалистичкото списание “Општо дело“, каде вели:

“Нашето учество во македонското движење се наложува со силата на неопходност. Грешките на одделни личности, што се нашле во раководството на движењето, не можат да бидат грешки на самото движење. Тоа може да постои без да поддржува некакви илузии кај работниот народ и без да го групира околу себе оној опасен елемент што може да не доведе до конфликт и војни, само тоа движење здраво да ги прегрне револуционерните принципи. Тие принципи ќе го отстранат Софискиот џган од составот на организацијата, но со тоа таа Организацијата само ќе спечали, а нема да загуби... Осудувајќи и не допуштајќи никакви авантури, ние во исто време ќе ги разоткриеме скриените цели што ги преследуваат Големобугарската буржоазија и монархија“.

Од ова е јасно дека Димо Хаџи Димов во македонското национал-ослободително движење првенствено е вклучен како патриот, син на македонскиот народ, но исто така и како заштитник воопшто на обесправените социјалист по идеологија. Затоа и неговиот гнев не е толку усмерен против обичните Бугари но пред се кон владеачките кругови. Токму за овој однос во друга “Револуционерен лист“ статија во самиот орган на Организацијата, Димов вели:

“Само на бугарските влади и буржоазијата им е доволно да бараат присоединување на Македонија, зашто тоа го бараат нивните интереси, но тие интереси се противни на интересите на МАКЕДОНСКИОТ НАРОД“.

Но секако Хаџи Димов става јасна граница кога е во прашање македонскиот народ како цел од страна на Бугарите. Така во статијата од 2 јуни 1905 год. од истиот весник, тој пишува:

“Против целта на Организацијата, автономна Македонија и нејзиниот лозунг: Македонија на Македонците, врховистите и противставуваа некаква автономна Македонија со прикриен лозунг: Македонија за Бугарија, додека автономија се сфаќа од Организацијата како создавање самостојна држава“

Кога бугарскиот печат, жестоко го нападна Санданаски за масовното пролевање бугарска крв, кога здружените чети од Бугарија на чело со поручникот Софрониј Стојанов, кај с. Кашина (Мелничко), беа пречекани и уништени од Сандански, Хаџи Димов, јасно им одговори:

“Ја обвинуваат, ја осудуваат Внатрешната организација по повод убиствата при Кашина. Тоа не е првпат, ниту ќе биде последен. Ние не пишуваме за оправдување. Нека се разбере еднаш за секогаш дека секој што дејствува против Внатрешната организација, дејствува против ослободителното дело на измачениот и жестоко обесправен МАКЕДОНСКИ НАРОД.

Ако Кашина може да ги стресе раководните кругови во Бугарија, ако успее да го предупреди бугарското општество и да го натера да види каде е правиот пат, тогаш оние бесполезни жртви што паднаа во тоа село, да бидат бесполезни за ослободителното дело...“


Острото и логичко перо на Димо Хаџи Димов во енергичната борба за својот македонски народ, го правеа најнепомирлив теоретски негов заштитник. Затоа на Рилскиот конгрес во 1905 год., Хаџи Димов е избран за редактор на “Револуционерен лист“, всушност најактивниот соработник а весникот.

Бугарите и врховистите збеснаа заради оваа одлука. Христо Силјанов во неговата книга “Ослободителните борби на Македонија“, за ова ќе рече:

“Најзлосреќен меѓутоа се покажа изборот на редакторот. Редактирањето на “Револуционерен лист“ му се одзеде на Васил Пасков и му се даде на Димо Хаџи Димов. Хаџи Димов имаше вешто перо, зацврстено во дијалектиката од времето на печатната кампања против врховизмот“.

Христо Матов
Главен идеолог на врховизмот е Христо Матов и токму со него Димо Хаџи Димов се судрува во серија полемични статии, објавени под псевдонимот Авценус. Сваќајќи ја опасноста од централизираниот начин на раководење со Организацијата, особено ако избијат врховисти на чело, (како предходно со Гарванов) Хаџи Димов предлага демократизација во раководењето. Сметаше дека така ќе се засили самоиницијативата на масите како решавачки фактор свесен за својата борба, а не да e слепо орудие во нечии раце не свесен кога и во што влегува. Со ова, Организацијата ќе се пази од нови авантури и врховистички провокации. Матов се разбира ги напаѓаше овие гледишта како софистика на едно апсурдно левичарство, а вистината беше во нивните теоретски основи вкоренети во револуционерната пракса во Македонија. Како и Матов и Силјанов за Хаџи Димов акцентот го става на неговото левичарство, а за да ја избегне вистината за Димов како патриот на македонскиот народ. И тука врховистите се приближуваат колку и да е тоа несвесно со историчарите од подоцнежна СФРЈ (С.Р. Македонија), кога и тие во описите на револуционерите ја зголемуваа левичарската им ориентација, ставајќи ја над и пред се. Се разбира дека имаше социјалисти но не во некој значаен број и особено не меѓу револуционерите од првиот ред Илинденците, тие беа од различни идеолошки матрици и најмалку пак социјалисти. Но тие и не доживееја некои времиња ниту ја имаа комоцијата во феудална Турција да се среќаваат со различни идеологии а камо ли да ги градат и развиваат, особено социјализмот.

Хаџи Димов беше и еден од иницијаторите за создавање на Народната федеративна партија и од неговото перо произлегоа низа статии против Бугарите и агентура им, насочена во компромитирање на придобивките од Младотурската револуција. Пророчнички тој предупредуваше во овие статии за Балканските грабливки и нивните подготовки за воени авантури пред Балканските војни и идните страдања на македонскиот народ.

Ѓорче Петров
Хаџи Димов со Ѓорче Петров тргнаа во итно обединување на сите сили од македонскиот народ. Дејците но и масите од Пиринско, емиграцијата од секаде поведоа кампања за барање од Мировната конференција во Париз да се применат во однос на Македонија и македонскиот народ, познатите и шумно прогласените Вилсонови точки за национално самоопределување на народите. Така се создаде во 1919 год., а по нивна иницијатива Привременото представништво на Обединетата бивша ВМРО. Ова преставништво го дигна гласот на широкиот македонски народен фронт со барање за обедината и самостојна држава на македонскиот народ. Токму заради ова Привременото преставништво испрати своја делегација во Париз со специјално изработена Петиција. И токму во Пиринска Македонија и по градовите на Бугарија каде имаше бројна емигрантска маса, се држеа митинзи со најупорна подршка на акцијата од Привременото представништво. Масовната патриотска психоза среде македонскиот народ особено беше силна кај емиграцијата. И повторно Бугарите беа во паника, ова не им одеше во прилог особено што подршка на овие барања имаше од се по значајни кругови низ Европа и светот. Притиснати од таа подршка, врховистите на чело со Каранџулов, Баждаров и Станишев го создадоа т.н.р Исполнителен комитет на македонскта емиграција во Бугарија, лажно декларирајќи дека се борат за Автономна Македонија(?!). Повторно искрената македонска желба за самостојност, Бугарите ја злоупотребија за свои интереси а преку емигранти - платеници. Ставија рака на оваа идеја со цел нејзино канализирање но кон интересите на Бугарите и Бугарската држава. Така дури и терористичките орди на Тодор Александров и Александар Протуѓеров се самоназначуваа за “Автономистички“.

По којзнае кој пат волкот, навлече јагнешка кожа заради основното пропагандно правило “Направи да ти поверуваат“. И одново стана за потребно да се објаснува поимот на автономијата, за да се одвои вистинскиот од лажниот автономизам. Пак Димо Хаџи Димов, беше перото кое ги рушеше пропагандите на Бугарите и мешањата во македонското дело. Во 1919 год. тој ја објавува брошурата “Назад кон автономија“, веднаш прифатена среде македонските маси низ Пиринско и по македонските братства од емиграцијата.

На почетокот се истакнува вистината за перфидната нововрховистичка пробугарска демагодија. Од една страна, врховистичкиот Исполнителен комитет декларира пред емиграцијата дека е за автономија, а од друга ги исполнува наредбите на Бугарите и нивната влада и тајно испраќа петиции до Париската мировна конференција за присоединување на Македонија кон Бугарија.Значи пред македонскиот народ со лажно месијанство го проповедаше сонот на Македонците за своја независност а зад него го спроведуваше неговиот кошмар, нови делби и туѓи владеења. Хаџи Димов за ваквата официјална политика на Бугарите преку своите инструменти, овде ќе запише:

“И денес таа политика не сака ништо друго, освен да се реваншира, место да ги поднесе сите последици од својот пораз. И во иднина таа политика ќе сака да го запази своето минато и своите методи за идните поколенија, верувајќи дека бугарската општествена совест ќе ги преспие спокојно сегашните денови”.

Па ќе продолжи:

“Со притисок и заплашување бугарската официјлна политика се мачи да го парализира во македонскиот народ неговиот инстинкт за самозапазување, да го задуши и умртви никулецот на оние идеи што би го спасиле од непријателската поделба, да ја убие онаа моќна и жива формула што сама по себе родува во неговата свест и во неговата душа, формула за запознавање на неговата целост како самостојна државна единица на Балканот. Тоа чувство, таа вест, таа решеност, што се заеднички за целиот македонски народ, се во целосна противречност со целите на бугарската политика. И ако таа успее да ја задржи во заблуда бугарската општествена свест, ќе изврши еден нов и тежок злочин и спрема македонскиот и спрема бугарскиот народ... “.

Хаџи Димов во заклучните делови пак , категорично истакнува:

“Автономната идеја ја зафаќа цела Македонија, зашто таква е желбата на нејзиниот народ. Ако народите имаат право самите да ја определат својата судбина, македонскиот народ исто така го има тоа право и за определувањето на својата судбина нема зошто да ги праша Бугарија, Србија и Грција, туку пред се себе и само себе“.

Во однос пак на искористување на полибералните и левичарските движења во Бугарија а за подршка на оправданите желби на македонскиот народ за своја самостојност, Хаџи Димов ќе заклучи:

“Изгледа дека и сега јасни се само намерите и дејствијата на монархизмот и на партиите на монархизмот. Но нека се знае дека Македонија ќе и даде сериозен отпор на таа политика и борбата на македонскиот народ најмалку треба да биде спречувана од левите струења во Бугарија, ако сакаат да останата верни на самите себе и ако нивните лозунги за демократија, република, федерација и.т.н се живи принципи, а не декламаторски вежби и фрази“.


И токму заради природата на овие движења чија карактеристика беа социјалната и националната правичност, Хаџи Димов ќе се вклучи во истите, како и дел од македонската емиграција . Tука виде простор за растеретување на бугарското општество од претензиите кон македонскиот народ и неговата земја. Во Бугарија овие движења беа силни, многу Бугари комунисти, социјалисти и социјалдемократи беа водечки и пошироко (подоцна и во врвот на Коминтерната). Хаџи Димов особено се зближи со некои од нив како Димитар Благоев. Хаџи Димов и дел од македонската емиграција веруваа во овие социјалистички идеи оти беа силни и во тоа време ја тресеа цела Европа. Октомвриска револуција од 1917 год. и новата Советска држава беа жив пример за ново поправично општество. Во новата држава за разлика од дотогашната царска Русија, беше избришано дури и името Русија како примат само на рускиот народ а на бројните народи им беше признаена посебноста.

Новото име Сојуз на Советски Социјалистички републики го оддаваше правото на секој народ на своја државност со националните име и власти. Ете затоа и Македонците ја гледаа и царска Бугарија како гушач на правата и посебноста на македонскиот народ а се вклучија во социјалистичките струи за рушење на таквиот систем. Сфаќаа дека , ако вековна империја како Русија која долго играше важна улога во светската политика, сега се руши како кула од карти пред налетот на социјализмот, тогаш тоа е уште полесно со само 30-40-тина години старата бугарска државичка, создадена токму од интересите на сега срушената царска Русија. Денес и од оваа временска дистанца се замаглува овој момент но ако се навратиме во бурните настани на тоа време ќе ја сватиме силината на овие револуционерни струења и прифаќањето од масите. Така и се случи да Хаџи Димов застана на чело на Емигрантскиот комунистички сојуз, а беше и редактор на неговиот орган “Ослободување“. Емигрантскиот комунистички сојуз удри критизерски по официјалната бугарска политика како шовинистичка но освен тоа не презеде некоја позначајна акција, а што македонскиот народ и бараше. Работата ја отупуваше раководството на БКП од чии канџи ќе се извлечат Македонците од Пиринско подоцна и веднаш ќе го кренат познатото Септемвриско востание од 1924 год.Но до тој момент сеуште нивната борба беше на ниво на декларации и брошури. Тоа разводнување на македонската борба подоцна раководителите на БКП ќе го признаат како Саша Нелгин во познатата статија “Криза на БКП“, каде ќе забележи:

“Нашето влијание сред македонското население во бугарските граници во 1919 и 1920 година беше огромно. Но ние основавме за Македонците еден меланхолично редактуран весник “Ослободување“ и ги храневме со теории, додека тие незадоволни и потиснати луѓе имаа во себе нешто повеќе од револуционерни фрази. Решителни и прекалени револуционери, тие открија во нас умни, но апстрактни доктринери, што им даваат да читаат брошури и статии, сметајќи дека со тоа е свршено револуционерното дело во Македонија“.

И овде по којзнае кој пат ќе се виде расипаноста и интриганството на Бугарите во однос на македонскиот народ сеедно дали се комунисти, социјалисти, фашисти или демократи Бугарите со иста политика ќе водат кон македонскиот народ. Но и секогаш бивале фаќани во нивните игри, така и ова не можело долго да трае зашто доведува до расформирање на Емигрантскиот комунистички сојуз. Хаџи Димов сега се вклучува во Илинденската организација, а особено во нејзиниот орган “Илинден“. Во овој весник Македонците поведоа остра борба против денационализаторската политика на Бугарите кон македонската емиграција и македонскиот народ од Пиринско. На иницијатива на Хаџи Димов се создаде општ македонски национално-револуционерен фронт врз принципите на Мајскиот манифест. Тој пак бараше од сите вистински македонски дејци без оглед на нивните идеолошки разлики, првенствено да дејствуваат како македонски патриоти. Апелираше во името на Гоцевите принципи што се гледа од неговите последни и највозбудливи статии а со кои веќе беше преопасен за Бугарите заради и што уследи неговата ликвидација. Патриотскиот повик го завршува со следното:

“Ве повикувам во името на Гоце за да ни послужи тоа име како моќна повелба за нашето единствено чувствување како Македонци и за целосно и сестрано откинување од ноктите и мрежата на онаа политика, чии носители најмногу придонесоа за раскинувањето и за новата трагедија на Македонија и кои и денес продолжуваат преднамерно да всадуваат несогласија и конфликти меѓу нас, за да не бидеме во состојба да ја одбраниме Татковината од нови заговори и од нови предавства. Сите по патот на Гоце! Сите под едно знаме, неговото знаме!“


Последниот текст од перото на Хаџи Димов, беше неговата брошура за Илинденското востание, објавена во август 1924 год. под псевдонимот “Илинденец“. Хаџи Димов прв пријде од друг агол во анализирањето на Илинденското востание. Тој го истакна неговото значење од перспективна смисла како крупна придобивка за македонскиот народ.Имено во поранешните пишувања за Илинденското востание повеќе се истакнуваше трагедијата на масите и нивниот хероизам а многу помалку како трајно обележје за идејно дејство врз идните македонски борбени надигања. Хаџи Димов прв укажа на длабоката прогресивна и демократска смисла на Крушевската република согледувајќи го во неа зародишот на идното најефикасно остварување македонска државност. Токму во 10-те победнички денови, беше овој зародиш но и ембрион на федеративниот принцип со полна рамноправност на сите народности во Македонија покрај востанатиот македонски народ. Затоа и Хаџи Димов ќе ја нарече “Малата но величествената Крушевска федерација“. Во овие идеали на илинденските херои Хаџи Димов гледа силен револуционерен импулс за младите македонски борбени генерации. На крајот од оваа брошура Хаџи Димов вели:

“Македонија го има својот прв Илинден проследен со крвави денови на пораз и на тешки страдања во текот на четврт век. Таа ќе го има и својот втор Илинден, но веќе при идната нова и сигурна епоха на блиски победи и ослободување. Овој втор Илинден е близок, тој доаѓа...“.


Владо Черноземски
И пак стариот Илинденец ги повикува сите патриоти Македонци да бидат неподелени во својата борбена воља и единствени во својата борбена акционост. Но колку и да беше тоа искрената желба на Хаџи Димов Македонците и не по своја воља беа фрлени во меѓусебни крвави пресметки. Тоа беше резултат на одвратната мизерна политика на Бугарите и нивниот двор. Цел еден систем беше изграден за политички убиства на т.н.р “предавници “ на националните идеали а всушност беше жестоко пресметување со вистинските прогресивни сили и дејци на македонскиот народ. И токму затоа со слоганот “македонски убиства“ требаше да се скрие фирмата на самиот наредбодавец Корбушкиот двор во Софија. Зад една наизглед убава фасада се криеше змиското гнездо. А тоа својот отров изблува и изгаси многу животи од најдобрите синови на македонскиот народ.Токму во крвавиот септември 1924 год., кога по селата и градовите на Пиринска Македонија и по Софиските емигрантски квартови паѓаа главите на бројни македонски дејци, падна и главата на Димо Хаџи Димов. Среде бел ден, и на една од најбучните Софиски улици, куршумите на најзлогласниот терорист - платеник и бандит Владо Черноземски, го сторија тоа што не успееја да го сторат куршумите ниту на султанската војска кај Баница.

Во однос пак на Европа и нејзини евентуални поволни решенија за Македонија Хаџи Димов ,говори:

“Детинска наивност е да се надеваме на таа или онаа европска дипломатија и да се стремиме да го спечалиме нејзиното сожалување, зашто на таа дипломатија добро и е позната вистинската состојба на Македонија и кога би сакала да стори нешто радикално би сторила“.


Димитар Благоев
Но затоа и Хаџи Димов се обиде да делува преку разбивањето на бугарското шовинистички затруено општество, одвнатере преку легални форми. Токму затоа и делува преку бугарската социјалдемократија а како еден брилијантен ум ќе биде избран како народен пратеник во Бугарскиот парламент. И токму таму во срцето на бугарската држава ќе поведе жестока борба врз бугарската политика кон разни прашања а особено македонското. Тој како вешт говорник се истакнува со ударноста на изречените вистини, брзите и остроумни реплики, беспоштедноста во одбраната на ставовите и со сето тоа влијаеше и на многу Бугари пратеници, да ја осудуваат бугарската фалсификаторска политика кон македонскиот народ. Хаџи Димов го постигна невозможното, во Бугарскиот парламент да се зборува за лажното Бугарско месијанство кон македонскиот народ. Така на пример изнесувајќи ги вистинските цели на војните кои ги водеше Бугарија од 1912-1918 год. а прикриени под превезот “национално обединување на бугарското племе“, сопартиецот Димитар Благоев на забелешката од владин пратеник “Нека не се заборава историјата“, резигнирано ќе возврати: “Која историја? Таа ли, која вие ја фалсификувавте? Таква историја ние не признаваме, бидејќи целите на војната не се за никакво “обединување на бугарското племе“, туку за бугарска хегемонија на Балканот, поточно да се завладеат местата што се неопходни на бугарската буржоазија за да може да излезе на големите водени патишта и на Егејско море“.

И кога по тоа владините пратеници се нафрлија на него тој возврати со тоа дека “послабо информирани и позбркани глави по овие прашања од нив нема“, но и продолжи пожестоко:

“Ако сте вие убедени дека во Добруџа живеат Бугари, дека во Моравско, дека во Македонија живеат Бугари, дека во Серес, Драма и Кавала се Бугари, зошто тогаш се плашите од формулата на рускиот цар, “мир без анексии, без обешетување и со право на народите на самоопределување“. Ако сте убедени дека некаде (од посочените места – н. з) има Бугари, нека се спроведе референдум и да видиме што ќе кажат“.

Но по ова, излагање уште повеќе вревеле владеачките пратеници па Д.Благоев продолжил: “Зошто кревате врева? Значи несигурни сте, значи има нешто што ве тревожи, има некои области завладеани од вас (се однесува на окупираните земји, првенствено Македонија – Пиринско, - н.з), кои ако се подложат на референдум ќе ви се измолкнат од рацете“.

Но уште пожестоко ќе настапи со својот оптужувачки говор во истото Собрание Христо Кабакчиев , при ова ќе рече: “Бугарската буржоазија, се стреми да создаде една голема и силнa држава на Балканот, една – Голема Бугарија, прикривајќи ја со “национално обединување“. Вашата политика на создавање “Голема Бугарија“, која има за цел хегемонија на Балканот е таква политика, која може да се оставри само преку завојување на туѓи територии и туѓи народи преку војна. Ако бугарската буржоазија слепо и упорно го следи тој пат, тоа не е затоа што таа се стреми кон обединување на бугарскиот народ, туку затоа што ја интересираат пазарите и трговските патишта низ Родосто кон Мала Азија, преку Солун кон Егејско и Средоземно море, ја интересираат масите што ќе плаќаат данок, плодородните полиња со различни тутунови и др. култури. Бугарија непосредно врвеше по патот на победа, таа завладеа со Македонија и половина Србија и цела Добруџа, при што првиот Министер на Бугарија (д-р Радославов – н.з) изјави: “До каде стапнала бугарската нога дотаму бугарско ќе остане“.

Со овие освојувања, во фантазијата на бугарската патриотска буржоазија, Бугарија стварно беше станала една “голема “ држава од Морава до Црно Море и од устието на Дунав до Солун. Таква беше Бугарија во желбите на бившите влади. Меѓутоа, само за две-три недели, целата таа кула, изградена од картон врз песок се урна, се разруши, исчезна. Зошто? Затоа што бугарските влади се стремат кон “големите национални задачи“, па бараат против сите балкански народи,(значи и македонскиот –н.з) да натурат една националистичка завојувачка политика. Но што означува тоа? Тоа означува Г-да бугарската држава да престане да се стреми кон плодородните полиња на Македонија,кон данокоплатниците на Србија, кон пристаништата на Егејско и Мраморни Море“ (Христо Кабакчиев, “Виновниците за катастрофата“, Софија, 1919, 14-17).

Ете вакви самопризнанија предизвика Димо Хаџи Димов од устите на Бугари а во однос на македонскиот народ. Но се разбира тој не би бил тој ако не би ја напаѓал државата на Бугарите и по други прашања . Во еден говор против масовните инквизиции, од владата на Александар Цанков против селанството и работништвото , говор по својата острина и моќ на разобличување беше незапамтен во аналите на Бугарскиот парламент, Министерот за внатрешни работи, генерал Русев, го прекина со зборовите: “Вие тргувате со вашите идеи...“. Хаџи Димов го прекина со смелата максима: “Ние тргуваме со идеи за кои плаќаме со своите сопствени глави...“. И навистина само неколку дена подоцна Хаџи Димов, плати со сопствената глава.

Извори – “Македонија во времето на Балканските и првата светска војна (1912 – 1918), Институт за национана историја, Скопје, 1969 год., др. Петар Стојанов“; “Димитар Митрев, чин и дело”, “Мисла”, Скопје 1981 год., Б.Павловски, М. Друговац; “Јане Сандански“, “Мисирков” , Битола 1988 год., Манол Пандевски; “Кон етногенезата на македонскиот народ“,НИК “Наша книга”, Скопје 1974, мр. Драган Ташковски;