Исправи се, Делфина

Филм од 1977 година


Филмска приказна за девојката Делфина, која е решена да ги совлада сите оние тешкотии и разочарувања што ги носи со себе животот и да истрае во совладувањето на водите од каналот Ла Манш. Делфина се подготвува да го преплива каналот. Меѓу случајните минувачи е и Рене, инвалид во количка, кој го препливал каналот и сите пливачи ги испраќа на нивниот долг пат. Борбата со непредвидливиот канал започнува. Во бродот што ја придружува, покрај судиите, се нејзиниот тренер Атанас и пријателот Петко.

Тоа се единствените луѓе што вистински ја сакаат Делфина и кои настојуваат да и помогнат во остварувањето на подвигот. Додека плива во разбранетото море, Делфина се сеќава на изминатиот живот: како се запознава со Младен, тренерот на републичката репрезентација во пливање, за првите интимни контакти со него, за наставата во угостителското училиште и за членувањето во локалниот пливачки клуб. Кога еден ден добива стипендија за школување во ДИФ, Делфина не се двоуми и заминува за Скопје, зашто очекува од животот многу повеќе, и е решена ништо да не ја спречи во намерата да го осмисли својот живот и да го најде вистинскиот пат. Сите напори, сите достигнувања, сите падови и омаловажувања, Делфина ги надминува стоички. Таа успева да ја надмине дури и кризата при препливувањето на каналот, овој пат со помош на Петко, кој скока во водата и плива заедно со неа.

Препливувањето на Ла Манш ќе значи единствена можност Делфина да ја врати самодовербата, желбата за нормално живеење и самопочитта. Делфина ја води последната битка, со крајни напори се исправа на своите нозе и го постигнува невозможното. Го победува Ла Манш. На приемот во Скопје, што се одржува во нејзина чест, се наоѓа и Младен, но таа се поздравува со Петко и заминува по патот што самата го одбрала.

Режија: Ѓурчинов Александар - Ацо
Сценарио: Ѓурчинов Александар - Ацо
Директор на фотографија: Билбиловски Киро
Снимател: Салковски Драган
Монтажа: Грбевски Димитар, Паковски Лазар
Главни улоги: Аранѓеловиќ Столе, Арнериќ Неда, Дамевски Дарко, Димитриевиќ Слободан, Илиев Диме
Споредни улоги: Ајрула - Тозија Сабина, Андреева Емилија, Бајрактари Мехди, Васовски Панче - Камшик, Исаја Јован - Јон, Исаја Мара, Лукаревски Ѓокица, Максут Сузана, Милосављевиќ Ненад, Милчин Илија, Стефановски Ристо, Стојанов Крум, Стојанова Милица, Тушар Мајда, Чоревски Благоја, Шаља Абдурахман Музика: Димитров Славе
Директор на филм: Ангеловски Благоја