Црно семе

Филм од 1971 година


За време на Граѓанската војна во Грција, 1946 година, припадници на кралската грчка војска, во чиј состав влегуваат и Македонците од Егејска Македонија, под обвинение дека се комунисти и непријатели на кралска Грција, се казнуваат со упатување во логор на пуст остров. Поради своите убедувања и етничкото потекло, некои од нив ги совладуваат сите тешкотии, задржувајќи го своето човечко достоинство. Други, пак, не успеваат во тоа, и наместо очекуваниот спас, доживуваат целосен морален пад.

Централни личности се Андон Совичанов, Парис и Христос, кои, секој за себе, претставува индивидуална комплексност на самосвоен лик, што е видливо преку страдањата низ кои минуваат и кои ги означуваат разните димензии на човековиот отпор. Голготата започнува со одземањето на оружјето на Македонците од Егејска Македонија, припадници на кралската војска и со нивно депортирање, најпрвин во воен затвор каде што ги сослушуваат, а потоа, натоварени на брод во тешки и сурови услови, ги носат на пуст и карпест остров. На островот нема вода, така што нудењето и поткупувањето со вода е еден од методите за кршење и уривање на достоинството на жедните затвореници, при што од нив се бара да потпишат изјава за лојалност кон кралот и готовност за откажување од Организацијата. Репресалиите продолжуваат со постојани измачувања, тепања и стрелања на секого што, на каков било начин ќе пружи отпор или ќе покаже непослушност.

На Денот на независноста на Грција, од затворениците се бара да ја пеат песната на независноста. Затворениците одбиваат, следи мешаница и бунт, кој завршува неуспешно, при што некои залудно гинат. Андон Совичанов плука во командантот и користејќи момент на изненадување, почнува да бега низ беспаќето на островот, гонет од самиот командант лично. Тоа, воедно, е и крај на филмот.

 

Режија: Ценевски Кирил
Сценарио: Георгиевски Ташко , Ценевски Кирил
Директор на фотографија: Петковски Љубе
Снимател: Самоиловски Мишо
Монтажа: Чемчев Вангел - Лаки
Главни улоги: Вуисиќ Павле, Грозданов Мите, Дамевски Дарко, Јовановски Ацо, Мириќ Воја, Шишков Ристо
Споредни улоги: Диневски Вукан, Кајчевски Никола, Милосављевиќ Ненад
Директор на филм: Ангеловски Благоја