Републиката во пламен

Филм од 1969 година


На 2 август 1903 година, на светиот ден Илинден, во Македонија се крена востание. Тоа беше одговор на повеќевековното ропство и теророт на кој беше изложен македонскиот народ. Илинденското востание кулминираше во создавањето на Крушевската република која опстојуваше десет дена и беше единствена република на Балканот во тоа време. За да се објаснат целта и намерите на востанието, Никола Карев, претседател на Крушевската република го пишува Манифестот на Крушевската република, кој според прогресивноста на идеите изнесени во него е далеку пред времето на настанувањето.

Веднаш по започнувањето на востанието кое претендираше да се прошири низ поголемиот дел од Македонија, стана јасно дека тоа е кренато без целосни подготовки... Бројна турска војска го напаѓа Крушево. Востаниците го напуштаат градот. Останува само четата на Питу Гули. Тој е решен да даде пример како се сака својот народ и како се гине за неговата слобода. Нивната херојска смрт на Мечкин Камен ја заслужи и почитта на непријателот.

„Иако краткотрајна, по своите идеи Крушевската република беше величествена. Македонија го имаше својот прв Илинден, проследен со крвави години на тешки страдања. Македонија ќе го има и својот втор Илинден, при идната епоха на блиски победи и ослободувања. Овој втор Илинден е близок, тој доаѓа...“ - во „Илинденец“, Димо Хаџи Димов.

 

Режија: Георгиевски Љубиша
Сценарио: Бошковски Јован , Георгиевски Љубиша
Директор на фотографија: Михајловски Бранко
Снимател: Самоиловски Мишо
Монтажа: Чемчев Вангел - Лаки
Главни улоги: Диневски Вукан, Костовски Драги, Милчин Илија, Прличко Петре, Просен Ирена, Спасовски Стево, Фелба Драгомир, Џувалековски Илија, Шишков Ристо
Споредни улоги: Беголи Истреф, Васовски Панче - Камшик, Видов Тома, Гравчевски Владимир, Грозданов Мите, Дишљенковиќ Предраг, Жигон Јелена, Исаја Јован - Јон, Јосифовски Јосиф, Крстевски Драги - Амфи, Николовски Тодор, Поповска Јоана, Стефановски Ацо, Стефановски Ристо, Трајковски Љубиша, Ќортошев Кирил, Ќостаров Димитар
Музика: Прошев Тома
Директор на филм: Камберски Јово