До победата и по неа

Филм од 1966 година


Последниот ден од окупацијата жителите на едно мало македонско гратче се сведоци на уште еден крвав чин на окупаторот - стрелање на 12 родољуби, предадени од соработник на окупаторот. И во овој случај, како и повеќе пати пред тоа, предавникот останува непознат за неговите сограѓани. Веќе утредента партизаните влегуваат во градот.

Населението учествува во правењето барикади и го оневозможува повлекувањето на непријателот. Заробен е бугарскиот мајор со неговите соработници. Комесарот на одредот дознава дека меѓу стреланите е и неговиот син, непосредно пред тоа испратен во градот, со задача да го открие соработникот на окупаторот. Комесарот стоички ја прима веста за загубата. Тој не му дозволува на народот одмазда врз крвниците. Меѓу заробените, на денот на ослободувањето, по барање на народот се наоѓаат и оние што, според јавното мислење, соработувале или пак имале каква било врска со окупаторот.

Сите тие, следени од долга колона сограѓани, тргнуваат на пат до соседното место каде што Народниот суд треба да им суди за злоделата. На овој пат стануваат јасни одредени судбини и групата на обвинетите се намалува. Случајот прави да се открие и виновникот за многубројните провали во партиската организација. По патот, по кратка престрелка, партизаните заробуваат група германски војници. Пристигнуваат на железничката станица каде им е крајот на патот. Пристигнува возот. Додека партизаните полни со оптимизам заминуваат, покрај пругата остануваат нивните придружници и патот кој повторно мораат да го минат.

 Режија: Митровиќ Живорад - Жика
Сценарио: Дракул Симон
Директор на фотографија: Петковски Љубе
Снимател: Самоиловски Мишо
Монтажа: Стојановиќ Катарина
Главни улоги: Бошкова Мери, Врховец Јанез, Гавриќ Александар, Дравиќ Милена, Костовски Драги, Милчин Илија, Оцокољиќ Драган, Прличко Петре, Срдоч Милан, Ќостаров Димитар, Шишков Ристо
Споредни улоги: Автовски Никола, Ангеловски Коле, Бегинов Борис, Беголи Истреф, Васовски Панче - Камшик, Гешовска Нада, Дамевски Дарко, Диневски Вукан, Исаја Јован - Јон, Максут Џемаил, Медар Владимир, Мириќ Воја, Николовски Тодор, Фелба Драгомир, Шаља Абдурахман
Музика: Прохаска Миљенко