Солунските атентатори

Филм од 1961 година


Во почетокот на ХХ век Македонија и натаму се наоѓа во ропска положба под власта на Отоманската Империја. Како одговор на теророт на кој е изложен македонскиот народ, се пројавуваат низа различни начини на реакција, како што се организираните чети комити, подготовката за востание, а меѓу другото и акциите на гемиџиите во Солун.

Сакајќи да го привлечат вниманието на светската јавност врз Македонија, гемиџиите, група македонски анархосоцијалисти, синови на богати трговци кои се под влијание на руската нихилистичка литаратура и идеите на женевските анархисти, решаваат да извршат во април 1903 година низа напади на објекти во Солун, во кои е инвестиран странски капитал. Целта на овие напади се францускиот брод Гвадалкивир, Отоманската банка, Електричната централа, Поштата.

Оружјето со кое се подготвуваат да ги извршат своите акции Коста Кирков, Орце Поп-Јорданов, Илија Трчков, Павел Шатев, Димитар Мечев, Пингов и Иван Попов го снабдуваат, меѓу другото, и преку трговската фирма на Кирков. Подготовките се вршат во голема тајност, но власта сепак претпоставува одредени тероростички напади. Најголем проблем претставува рушењето на Отоманската банка, меѓу другото и поради можноста да настрадаат недолжни луѓе. За ден на нападите е одбрана ноќта на карневалските свечености кога во објектите одбрани за акција нема луѓе. Акциите се извршуваат синхронизирано и во нив, како што претходно беше решено, гинат повеќето од учесниците, свесно жртвувајќи го својот живот за иднината на слободна Македонија.

 

Режија: Митровиќ Живорад - Жика
Сценарио: Бошковски Јован
Директор на фотографија: Петковски Љубе
Снимател: Самоиловски Мишо
Монтажа: Стојановиќ Катарина
Главни улоги: Беголи Истреф, Беренс Мерлиес, Гавриќ Александар, Дамевски Дарко, Мок Јоаким, Оцокољиќ Драган, Прличко Петре, Спасовски Стево, Тодоровиќ Марко
Споредни улоги: Автовски Никола, Васовски Панче - Камшик, Исаја Јован - Јон, Цекова Стојка
Музика: Радиќ Душан
Директор на филм: Лазаревски Никола