Волча ноќ

Филм од 1955 година


Ноќ во планински предел во делот на Македонија под бугарска окупација. Уште една офанзива чија цел е да се оневозможи партизанското дејствување. Одредот партизани е соочен со можниот напад на окупаторот. Затоа заминува од теренот, оставајќи зад себе како отстапница една своја десетина предводена од десетарот Божин. Оваа група борци има задача три часа да ја задржи својата позиција, за потоа да му се придружи на одредот на место што му е познато само на десетарот. Партизаните имаат само по неколку куршуми, а непријателот е блиску. Десетарот заминува во извидување. Времето изминува а Божин не се враќа. Партизаните се наоѓаат во дилема дали да заминат.

Една бугарска извидница наидува на нивното засолниште и доаѓа до престрелка во која гине стариот Паун. Останувањето на старата позиција веќе е невозможно и групата партизани заминува во потрага по одредот. Десетарот Божин, кој беше заробен од бугарските војници, успева да побегне, но на местото каде што беше десетината го наоѓа само загинатиот. Започнува кошмарно талкање на десетината и на нејзиниот десетар во ноќта во која снегот, студот, заморот и потерата се подеднакво опасни и за физичкиот и за духовниот интегритет на групата. При тоа гинат Благоја и Стане, а партизанката Вела е обесена од бугарските војници заедно со селанката која ја прими за да ја заштити во својата куќа. Селанката е жена на десетарот Божин. Последниот жив од групата, партизанот Марко, лута низ планината гонет од глутница волци. Го спасуваат другарите од одредот. Доаѓа и Божин, носејќи го синот на раце. Повторно е ноќ. Одредот спие. Единствено се будни Божин и Марко кои молчешкум се обидуваат да ги разрешат дилемите што зад себе ги остави изминатата волча ноќ.

Режија: Штиглиц Франце
Сценарио: Јаневски Славко
Директори на фотографија: Михајловски Бранко, Петковски Љубе
Монтажа: Бјењаш Воислав - Вања
Главни улоги: Крстевски Драги - Амфи, Малинска Савета, Прличко Петре, Фелба Драгомир, Чоревски Трајко, Џувалековски Илија
Споредни улоги: Васовски Панче - Камшик, Дамевски Дарко, Јовановски Ацо, Николовски Тодор, Пуцкова Добрила, Стефановски Ацо, Стефановски Димче, Стефановски Ристо, Трајковски Димче
Музика: Прокопиев Трајко
Директори на филм: Султански Живко, Теофиловски Ристо - Риџвеј