Демир Хисар
Демир Хисар, или како што во превод го нарекуваат Железна Планина, е област која се наоѓа во југозападниот дел на Република Македонија, или северозападно од Пелагониската низина, околу горниот слив на Црна Река со нејзините притоки.

Во поголемиот дел релјефот е ридско-планински, а мал дел по течението на Црна Река е низински. Посебен знак на одбележување на оваа област се планините Бигла, Илинска и Плакенска Планина, на која што се наоѓа и највисокиот врв од 2000 м., кои што ја одделуваат Демирхисарската област од Преспанско-охридската област.

Поради богатството на овие планини со железна руда, и областа го добива името Железник, кое се менувало во зависност од владателите во различни периоди. Оваа област се среќава како Сидеро Кастрон, што од грчки значи Железна Тврдина, а Демир Хисар е име што Турците го дале на оваа област што би значело Железна Планина. Тоа е името што и денес го носи. Територијата на општина Демир Хисар зафаќа површина од 473 км² и се вбројува во средно големите општини на Р. Македонија, со просечна густина на населението 23,6 жители на км².

Структура на население

Во општина Демир Хисар живеат 10610 жители или 0.53% од вкупното населението на Република Македонија. Во градот Демир Хисар се концентрирани 21% од населението на општината.

Со новата територијална поделба на Република Македонија, кон Општина Демир Хисар е припоена општината Сопотница, така што денес зафаќа територија од 473 км². Во состав на општината влегуваат 41 населби, од кои централно место и седиште е градот Демир Хисар со вкупно 2447 жители (според пописот од 1994 г.).