Агреадите
Демостен во сите напади против Филип II велел: "Тој не само што не е Хелен ниту, пак, има нешто хеленско туку е барбарин од земја за која не би можел нешто убаво да кажеш, еден никаков Македонец, од земја од која човек порано ни роб не би купил.

Историјата на Аргеадите - првата македонска кралска династија која владеела со македонското кралство речиси половина милениум, е книга за најстарата историја и за посебноста на античките Македонци.
Тоа е периодот од создавањето на државата - на крајот на 8 век од старата ера, се до смртта на Александар Трети Македонски, Велики (323 година, стара ера).
За периодот на Аргеадите има најмалку литература, за разлика од времето на Филип Втори и Александар Трети, кои се вклучени во секоја историја на Хелените.
Сепак, благодарение, пред се, на археолошките, епиграфските и на нумизматичките изучувања, особено по откривањето на кралските гробници во Вергина (Кутлеш кај Ајга), последниве години изучувањата доживеаја своевиден процут, дискусии меѓу научниците, и тоа во прв ред за прашањето на етничката припадност.
Така прашањето за етничката припадност стана едно од најисполитизараните прашања во историската наука.
Оваа тема, како и останатите сфери околу уредувањето, религијата, институциите, културата и уметноста на Аргеадите, области кои досега беа занемарувани, се обработени во "Историјата на Агреадите" од проф. д-р Наде Проева, како прво историографско дело кај нас со детаљно и целосно прикажана историја на првата македонска кралска династија.
Проева вели дека од почетокот на изучувањата, ова прашање е погрешно поставено во методолошка смисла.
Наместо да се одговара на прашањето:
"Што биле античките Македонци?",
било поставено прашањето:
"Дали античките Македонци биле Хелени?".
Овој манир на современата историја довел до тоа античките Македонци долго време да се изучуваат како дел од хеленската историја. На пример, покрај тоа што во периодот од 338-та хеленските полиси потпаднале под македонска власт, нивната историја се уште се проучува во рамките на хеленската историја.
Податоците кај античките автори велат (Плутарх, на пр.) дека Хелените до крајот ја чувствувале власта на Македонците како нешто туѓо и надворешно.
Битката кај Хајронеја била пропаст за Хелените, вели друг извор кој додава дека по смртта на Александар Трети не бил кренат ниту еден бунт во Азија, а се побуниле само Хелените кои без нивна волја биле населени во Хиндикуш.
Карактеристично е што во хеленските извори, покрај тоа што Македонците јасно се обележуваат со нивното етничко име, тие постојано се обележувани и како барбари.
Најдоследен е Демостен кој во сите напади против Филип 2 велел: "Тој не само што не е Хелен ниту, пак, има нешто хеленско туку е барбарин од земја за која не би можел нешто убаво да кажеш, еден никаков Македонец, од земја од која човек порано ни роб не би купил" (Демостен, Трета Филипика, 31).
Во врска со потеклото на македонската кралска куќа, изворите велат дека,
начелно, тие го признавале нејзиното хеленско потекло. Тоа го правеле како ќе им одговарало, за што говори и Херодот во епизодата за учеството на Александар Први Филхен на Олимписките игри:
"Кога Александар сакал да се натпреварува и кога слегол таму, оние Хелени кои требало да се натпреваруваат во трчање, не му допуштиле да учествува,
велејќи дека натпреварот не е за натпреварувачи барбари туку за Хелени. Кога Александар изјавил дека е Аргеец, му било признато дека е Хелен" (Херодот 5,22).
Оваа легенда за хеленското потекло на Аргеадите е резултат на пропагандата на Александар да го избрише проперсиското однесување во Медските, т.е. грчко-персиските војни.
Темата за името на античките Македонци во книгата на Проева започнува со
легендата за Македон.


Според легендите, Македон бил син на Зевс и Тија. Од запишаните верзии, се чини дека најверодостојна е онаа од македонскиот историчар Марсија, според која Македон бил син на Дион и Ајтрија. Ова покажува дека е направена така наречена хеленска интерпретација на македонската легенда, во која имињата на македонската брачна двојка (Дион и Ајтрија) се приспособени на хеленскиот јазик и митологија. Особено е впечатливо името на женското божество Ајтрија; што е, всушност, македонска глоса (збор) што значела "светло, јасно небо", та според тоа е јасно дека во случајов имаме небесен божески пар, со женска варијанта на врховното небесно божество.
Постојат повеќе легенди кои се приближуваат на хеленската митологија, па така преку легендите Македон бил вклучен во хеленската митологија, а Македонците во хеленската етничка група.
Ваквите легенди Проева ги објаснува со фактот дека Хелените со ова сакале да ја оправдаат и да и дадат легитимитет на колонизацијата врз другите народи.
Покрај тоа што и во античките извори е јасно посведочено дека македонскиот јазик значително се разликувал од хеленскиот, историчарите тешко можат да го докажат тоа.
Причината е во тоа што досега не е најдена ниту една единствена реченица на македонски јазик; сиот зборовен материјал со кој располагаме се состои од т.н. македонски глоси, односно македонски зборови кои биле запишани во делата на античките и византиските лексикографи, и тоа поради нивната занимливост и несекојдневност.
Античките извори даваат многу примери за различноста во македонскиот и хеленскиот јазик. Еден од нив е од Херодот кој жителите на Крестонија ги нарекува Пелгази, а нивниот јазик барбарски кој "се разликува од сите останати".
Друг пример од подоцнежниот период е од судењето на Филота во 330 година ст.е., кога тој решил да зборува на хеленски, за да го разберат оние што не се Македонци.
Сепак, се јавуваат и различни аргументи кои говорат во прилог на колебливоста во тезата за различноста на хеленскиот и македонскиот јазик. Некои историчари го цитираат фактот што Александар Трети, по освојувањата на Истокот, го прифатил заедничкото хеленско наречје за службен јазик во неговата држава. Но ова воопшто не треба да не изненади. Хеленскиот бил меѓународен јазик, прифатен и на Истокот и на Западот - јазик на дипломатијата, на кој со векови пред Александар Истокот комуницирал со Европа.
Значи, користењето на хеленскиот јазик било елемент на акултурација на барбарските народи (како што заклучува францускиот историчар П.Кабан), но никако не значело и губење на сопствените особености.
Меѓу сите специфики за кои досега не е доволно истражувано е и темата на религијата. Овде ќе споменеме само дека и во оваа област преовладува т.н. хеленско толкување. За македонската религија најчесто се говори на хеленски јазик и од хеленски автори. Тие често ги опишувале обичаите на народите во земјите надвор од хеленскиот круг, но не се обидувале да ги запишат изворните имиња на боговите, обичаите, народите, институциите. Наместо тоа, тие ги нарекувале со за нив соодветни имиња. Токму затоа и македонската религија е облечена во хеленско руво.
Но, сепак, професорката Проева ни ги посочува најкарактеристичните примери кои говорат за разликите и во оваа област.
Божицата Ма е позната како кападокиска божица. Таа има војнички и соларен карактер. Освен во Кападокија и на Понт, култот на оваа божица е посведочен и во Македонија: во светилиштето во Едеса со повеќе од триесет написи, а една од трите досега пронајдени вотивни плочки е пронајдена во с. Претор кај Ресен.
Треба да се подвлече дека божицата Ма дефинитивно не е посведочена во Хелада, иако археолошките истражувања на почвата на денешна Грција траат повеќе од век и половина.
Беди е уште едно божество непосведочено кај Хелените. Тоа е божество на воздухот. Клемент од Александрија запишал дека беди е фригиски збор за вода, па оттаму се објаснува и топонимот Едеса во Македонија, преку словенскиот превод на името на градот Воден.
Дарон е македонско божество на кое му се молеле за болните.
Кај Пела е пронајдена посвета на ова божество.
Од култовите поврзани со обожавањето на природните сили, најраширен и најважен кај Македонците бил култот на Сонцето.
Соларната симболика не им била блиска на Хелените.
За разлика од нив, кај Македонците сончевата розета е еден од најчестите симболи.
Таа најчесто е претставена на македонскиот штит како и на монетите.
Најстариот пишан податок за овој култ го среќаваме кај Херодот кој ја раскажува легендата за потеклото на македонската кралска куќа на Аргеадите.
Раскажувајќи како од Аргос кај Илирите избегале тројца браќа - Гаван, Аероп и Пердика, па еднаш барале плата кај кралот, тој им рекол дека им ја дава нивната плата, покажувајќи на подот каде што паѓал сончевиот зрак од отворот на покривот.
Најмладиот брат рекол: "Го примаме, кралу, тоа што ни го даваш", притоа обележувајќи го местотона подот, заградувајќи ги зраците. "Три пати зацрпил од нив ставајќи ги во пазувите, а потоа тој и неговите браќа заминале" ( Херодот 8,137).
Со овој гест симболично се покажува боженското потекло на кралската власт, добиена од богот Сонце. Оттаму и Сонцето е симбол на кралската власт.