Народен театар - Штип

Иницијатори и први носители на театарската дејност во Штип се даскалите, кои по училиштата ги прикажуваат своите претстави уште од доцните седумдесетти/осумдесетти години на деветнаесеттиот век.


Една од поинтересните претстави, најверојатно, е од учебната 1894/95 година, кога учителите Дамјан Груев, Пере Тошев и Гоце Делчев ја поставуваат романтичната трагедија Разбојници на Ф. Шилер.
Во 1923 година во Штип е формирано Штипско театарско друштво, чијшто основач е гимназискиот професор Душан Будимировиќ. Друштвото изведува повеќе претстави, претежно комедии, (од француските булеварски комедии до комедијата Кир Јања на Стерија Поповиќ), сите во режија на Будимировиќ. Исто така, Друштвото организира и театарска школа. Во тоа време во Штип се отвора и музичко училиште, во кое се едуцираат идните солисти и музичари за театарскиот оркестар. Театарот се професионализира.


На 29 август, изведена е и првата оперска претстава, Палјачи на Р. Леонкавало. Ова е прва оперска претстава во Македонија изведена со домашни сили. Во декември 1925 година свечено е отворена нова театарска сала, сместена во градскиот хотел „Гранд“. 

Во текот на триесеттите години, соочен со кризи (кадровски, финансиски, организациски), театарот ја намалува својата дејност, така што во 1936 година сосема се „повлекува“ во гимназијата и му се враќа на аматерскиот статус. Освен оваа гимназиска драмска дружина, до почетокот на Втората светска војна во Штип инцидентно се активни уште неколку аматерски драмски дружини. 

Во текот на војната театарската активност ја презема бугарското Читалиште, чиишто активисти изведуваат повеќе пиеси од бугарски автори. 

Во јануари 1948 година, тогашната драмска секција при Културно-уметничкото друштво „Ванчо Прке“ прикажува две едночинки, во кои настапуваат идните актери на професионалниот штипски театар. Со подготвување неколку нови премиери, аматерскиот ансамбл постепено се зголемува. Една година подоцна, 1949, Градскиот народен одбор ја донесува одлуката за основање Обласен народен театар во Штип, кој официјално, како професионален театар, започнува да работи во јануари 1950 година. Прв директор на театарот е Борис Стојчев. 

Од 1954 година театарот го носи името Народен театар Штип.
Меѓу 1948 и 2001 година театарот има одиграно 295 премиери.
Прв професионален состав на Обласен народен театар Штип (јануари 1950):
Борис Стојчев - режисер и актер, директор; Милка Ќерамитчиева, Александар Думов, Олга Рунчева, Димитар Зајков, Алеко Протогеров, Ацо Арсов, Трајче Зафиров, Ружа Икономова, Стојка Слејанска, Илија Арев - актери.

Институт за театрологија