Струјата од ноември поскапува за 13,5 отсто

Струјата од ноември поскапува за 13,5 отсто, в година уште повеќе


Комисијата за енергетика до денеска ќе ја официјализира одлуката за поскапување на струјата, а ЕВН-Македонија најави жалба бидејќи регулаторите првично и дозволиле зголемување од 0,45 отсто, иако барале девет проценти


Струјата за граѓаните и за малото стопанство од 1 ноември ќе поскапе за 13, 5 отсто. Така барем покажале прелиминарните пресметки на Регулаторната комисија за енергетика, чии претставници вчера се уште официјално не го соопштија процентот за кој ќе се коригира цената на електричната енергија бидејќи некои од трите енергетски компании кои што бараа поскапување немале прецизни податоци. Претседателот на Регулторната комисија за енергетика, Славе Ивановски по вчерашната седница, на која се одлучуваше за новата цена на струјата, изјави дека според пресметки електричната енергија треба да поскапе за 13,5 насто.

Но, сепак одлуката на Комисијата не беше официјализирана, а тоа ќе се направи најдоцна до денеска. Новата цена на струјата треба да важи од 1 ноември до крајот на годинава, а од јануари, в година се очекува да се прават нови пресметки, согласно нова методологија.
- Прелиминарните податоци укажуваат на тоа дека ЕЛЕМ ќе добие зголемување од 37 отсто, МЕПСО 113 проценти, а ЕВН само од 0,45 насто. Сето ова на крај за граѓаните ќе значи поскапување на струјата за 13,5 отсто - изјави претседателот на Комисијата, Ивановски.

Дистрибутивната компанија ЕВН-Македонија и државните Електрани на Македонија се незадоволни од ваквата прелиминарна одлука за поскапувањето на струјата. Директорот на производство во ЕЛЕМ, Димитар Танурков, по седницата на Комисијата реагираше дека не се прифатени сите трошоци на ЕЛЕМ, која побара поскапување од 38 отсто, а доби за 37 проценти повисока производствена цена на струјата.
- Очекуваме дека наскоро ќе има нова методологија за пресметка на цената на струјата и тука ќе се изразат сите трошоци - изјави Танурков.

Од ЕВН-Македонија вчера најавија дека ако ваквата одлука се официјализира ќе поднесат жалба до второстепената владина Комисија од областа на енергетиката, по што можно е да следи и судска постапка.
- Регулаторната комисија за енергетика покажа неразбирање за пресметките и нејасно е зошто не ги признава трошоците на компанијата, односно инвестициите што ги имаме направено - реагираше Георг Валднер, претседател на Управниот одбор на ЕВН- Македонија, која бараше корекција на цената од девет отсто, а доби само 0,45 проценти.

Од компанијата ЕВН-Македонија претходно изјавија дека прелиминарните пресметки за поскапувањето на струјата за 13,5 отсто се скандалозни, дискриминаторски и во полза на државната компанија ЕЛЕМ. Според нив, со ова поскапување токму ЕВН-Македонија е најмногу оштетена компанија.