ГАЗДИТЕ НА ФЕНИ БАРААТ ГРАЃАНИТЕ ДА ПЛАЌААТ ЗА НИВ

Михајловски го злоупотребува синдикатот за лична заработувачка


Менаџментот на компанијата треба дел од добивката да ја потроши за намалување на загубите од актуелната криза, а не да бара помош од државата, предлага Ставрески


Владата нема да му помогне на кавадаречкиот комбинат Фени во пребродување на кризата поради падот на цените на никелот на берзите бидејќи компанијата во изминатите три години остварила добивка од 200 милиони долари. Според вицепремиерот Зоран Ставрески менаџментот на компанијата треба дел од добивката да ја потроши за намалување на загубите од актуелната криза, а не да бара помош од државата. Ова е ставот на Владата, по вчерашната средба на Ставрески со претставници на синдикатот на Фени и на менаџментот на компанијата. Средбата се склучи доцна попладне, по неколкучасовните мирни протести на вработените од Фени кои бараа поевтина струја за Комбинатот, враќање на бесцаринската зона и концесија за ново рудно наоѓалиште.

Илија Хаџи-Николов, претседател на синдикатот на Фени вели дека треба да се најде решение компанијата да продолжи да работи и работниците да не останат на улица.
Според Ставревски, интересно е што барањата на синдикатот се поклопуваат со барањата на раководството на Фени.
- Наша сугестија е синдикатот да разговара со менаџментот тие да вложат 10 проценти од нивниот профит, односно 20 милиони долари, со што ќе можат да ја пребродат актуелната криза - предлага Ставрески.

Тој, сепак, нагласи дека има разбирање за проблемите со кои се соочуваат работниците и најави дека ќе се бара решение за барањето за добивање на концесија за искористување на рудниците.
-Владата ова ќе го разгледа во најкраток можен рок - вети Ставрески.

Вицепремиерот укажа дека Фени е приватна фирма и дека овие прашања треба да се решаваат меѓу вработените и самиот менаџмент, бидејќи и многу побогати земји од Македонија не интервенираат директно во поддршка на поединечни фирми. На прашањето дали менаџментот на Фени ги поттикнува вработените да штрајкуваат, Ставрески вели дека не е негово тоа да го проценува, но факт е дека на состанокот присуствувале претставници од менаџерскиот тим на Фени и нивните барања биле идентични со тие на синдикатот.

Вработените денеска ќе имаат средба со менаџментот по што ќе решат дали ќе продолжи протестот.