Пердика
Таткото на Историјата, Херодот (484 - околу 425, п.н.е.), цитиран според спомнатата книга од Шелдаров и Лилчиќ (Херодот, VIII, 137,138 и 139), раскажува:
"Седмиот по ред предок на овој Александар (се мисли на Александар Први) беше Пердика, кој го основа македонското кралство, и тоа вака:

Трите потомци Теменови: браќата Гаван, Аероп и Пердика избегале од Apг во Илирија, а од Илирија, навлегувајќи во Горна Македонија дојдоа во градот Лебаја. Тука се вработија да служат кај кралот. Едниот ги чувал коњите, вториот говедата, a најмалиот од нив Пердика, ги чувал козите и овците. Беше тоа време кога и кралевите, а не само народот беа сиромашни и немаа пари. Лебот го месеше и печеше самата кралица.

Ама, кога и да го печеше лебот за најмладиот, овчарот Пердика, тој секогаш двапати нараснуваше. И откога тоа истото секогаш се повторуваше, му раскажа таа на својот маж за ова. Штом кралот тоа го дочу, се сети дека тоа може да биде некој чуден знак и дека претскажува нешто важно. Тој ги повика слугите и им нареди да ја напуштат неговата земја. Овие пак му рекоа дека веднаш ќе си одат штом ќе ја добијат платата што ја заслужиле.

А кога кралот слушна дека овие бараат плата, многу се разлути и, бидејќи сонцето ги фрлаше своите зраци во куќата низ отворот на покривот каде минуваше чадот, им рече, бидејќи божеството го наведе на таа лудост, покажувајќи со раката на сонцето:

"Еве, тоа е платата што ја заслуживте и што ви ја давам.
"Гаван и Аероп беа вчудовидени кога ова го дочуа, а најмладиот брат, бидејќи случајно имаше меч рече:

"Се согласуваме, кралу, да го примиме тоа што ни го даваш", па со ножот го нацрта сончевиот зрак на куќниот под и, исцртувајќи го тоа, зафати трипати сончеви зраци во своето крило, па потоа отиде и тој и тие со него.

Кога тие беа веќе отидени, еден од кралските службеници му објасни на кралот зошто ова дете тоа го стори и со каква намера најмладиот брат веднаш го прими она што кралот му го даде.

А кога кралот тоа го слушна, многу се налути и прати по нив коњаници да ги убијат.

Во таа земја се наоѓа една река на која и принесуваат жртви потомците на бегалците од Apr, како на свој спасител.

И таа река,кога Теменидите минаа преку неа, толку силно надојде што коњаниците не можеа да ја минат.

А момчињата дојдоа во другиот крај на Македонија и се населија близу таканаречените градини на Мида, синот Гордиев, во кои раснат диви рози, од коj секоја има на себе по шеесет ливчиња и имаат поубав мирис од сите други рози.

Во тие градини, по раскажувањето на Македонците, беше и Силен заробен. Откако се дофатија до таа земја, браќата тргнаа и ја покорија цела Македонија."

Како што гледаме, овде се опишани настаните кои му претходеле на доаѓањето на Пердика Први на власт во Македонија (околу 653 г.п.н.е.).

Првиот аспект од овој расказ се однесува на лебот.

Овде гледаме дека главниот предзнак за станувањето македонски цар на Пердика Први, било нараснувањето на лебот што царицата го печела за него. Веднаш паѓа в очи фактот дека сето ова се случувало во градот чие античко име било - Лебаја! Дали ова совпаѓање помеѓу името на овој град со нашиот збор леб може да биде само обична "случајност"? Но, тоа не е се. Овде секако е и името на веќе споменатиот предок на тројцата браќа - Темен, што исто така претставува чист денешен македонски збор.

Интересно е и името на еден од браќата - Гаван. Ова име можеби доаѓа од нашиот збор гавење, што значи: мамење (според Речник на Македонскиот јазик, Скопје, 1961, стр. 90).

Но, нема и понатаму да навлегуваме во тајните на ономастиката, туку само ќе потсетиме дека најголемиот број античко-македонски лични и останати имиња и називи до нашево време се стигнати речиси исклучиво преку нивната грчка транскрипција,така што ние не знаеме како тие и навистина тогаш се изговарале од страна на самите антички Македонци.

Но,дури и преку ваквата туѓа транксрипција, факт е дека немал број од овие имиња и називи, фрапантно се совпаѓаат со денешниве македонски.

Но, елаборирањето на овој проблем го оставаме за поглавието со личните имиња и останати називи.

Вториот аспект од расказот на Херодот се однесува на неговото сиже. Имено, во сижето на овој расказ сосема јасно се препознава еден од најзастапените мотиви што подоцна ќе се јават во македонската народна приказна, а тоа е мотивот на "тројцата браќа" со посебно акцентирање на ликот на "најмалиот брат".

Најмалиот брат (Пердика) овде е тој што испаднал најрешителен и најсмел против дрскоста на царот и "најмалиот брат" всушност е главниот јунак на овој расказ од Херодот [без разлика колку овој расказ е делумно или целосно вистинит, ако се земе во обѕир дека Херодот живеел околу 200 години по случувањата што овде ги опишал).

Гледано од овој аспект, треба да истакнеме дека потполно истата состојба ја имаме и во македонските народни приказни запишани од нашите собирачи во 19. век [а секако и подоцна).

Имено, голем дел од овие приказни се посветени токму на "тројцата браќа", од кои "најмалиот брат" секогаш испаѓа најумен и најсмел, т.е. токму тој го решава проблемот што останатите двајца браќа не можеле [исто како што е и во расказот на Херодот за потомците Теменови).

Еден од најдобрите македонски познавачи на македонската народна проза Д-р Томе Саздов, проучувајќи ја содржината на најголемиот број досега запишани народни приказни кај нас, децидно тврди дека најчеста тема во нашите приказни се токму доживувањата на "тројцата браќа" и дека ликот на "најмалиот брат" е најзастапениот јунак во македонските народни приказни.

Притоа, Д-р Саздов пишува дека во овие приказни тројцата браќа обично биле социјално обесправени, но дека на крајот "најмалиот брат" ги решавал нивните проблеми, а дека во тоа честопати му помагале виши сили.

На стр. 44 од својата книга "Преглед на македонската народна проза" ["Култура", Скопје, 1981), Д-р Саздов, пишува: "Најпопуларен јунак во сказната е ликот на најмалиот брат, кој е стожер за нејзиното раскажувачко дејство...

Фактот што најмалиот брат секогаш излегува победник над сите негови непријатели, совладувајќи секакви тешкотии, треба да се толкува како своевидна апотеоза на подобрата иднина на работните народни маси..."

Споредувајќи го ваквото толкување на Д-р Саздов со содржината на расказот од Херодот, и споредувајќи го Херодотовиот расказ со содржината на повеќето македонски народни приказни за "тројцата браќа", наидуваме на неколку фрапантни суштински совпаѓање. Тие се:

а) Постоење на тројца браќа (кај Херодот - тројцата браќа Теменови)

б) Нивно работно угнетување и обесправеност (кај Херодот тројцата браќа

работеле кај царот без да добијат плата)

в) Најмалиот брат во главна улога,кој го решава проблемот [кај Херодот најмалиот брат го избегнува отворениот судир со моќниот и дрзок цар, т.е. барем привремено го одложува ваквиот судир, додека да избегаат)

д) Виша сила му помага на најмалиот брат [кај Херодот тоа е надојдената река, која ја спречила потерата да ги стигне)

е) Најмалиот брат победува (кај Херодот станува цар на Македонија)

Секако дека ваквата подударност тешко дека може да биде обична случајност, па според тоа, многу веројатно е дека и ликот на "најмалиот брат" од македонските народни приказни ги влече своите корени од античко-македонските времиња, задржувајќи ја речиси во целост својата суштина.