Еден од најдобрите Скопје џез фестивали!

ЗАВРШИ 27 СЏФ


Сигурно големиот Рон Картер беше "пријатно" изненаден од придружбата на џез фановите во МОБ, кои неговото соло на контрабас го "надополнуваа" со звуците на крцкавите столчиња...


Еден од најдобрите Скопје џез фестивали! Ова беше најчестата реакција на бројната публика на 27 СЏФ. Изданието го оправдаа виртуозните џез импровизации на мајсторите како Хенри Тредџил Зоид и Баџ Веселтоф, па трибјутот Драг Мајлс" - свежата синтеза на стариот американски џез звук и новата" естетика на Рон Картер (човекот кој свиреше со квартетот на Мајлс Дејвис), како и моќниот, "огромен" звук на ултра темпераментниот тапанар Ману Каче, боса-нова звуците на Марсио Фарако, Маркос Вале...

СЏФ започна со либанскиот маестро на ут, Раби Абу Калил, кој звуците на истокот ги свиреше со поддршка од "класичните" ноти на Македонската филхармонија, па тоа беше достоен почеток, за разлика од лани, кога скопјани не беа ни оддалеку така воодушевени од отворањето со норвешката вечер.

Рон Картер, пак, во Скопје го донесе неговиот огромен џез "багаж", спакуван во "свежа" варијанта, со помош и на инвентивниот перкусионист, кој дури и употреби инструменти со звук на мукање од крава.

На четвртата вечер посебно задоволство беше и триото на Џошуа Редман, кои и во таква, "редуцирана", постава го исполнија музичкиот простор во МОБ.
А последната вечер ја одбележа и Ману Каче - тапанар кој свирел со Стинг, Ману Чао, Питер Габриел... Каче дури и го спомна нашиот музичар Влатко Стефановски, кој му покажал дел од македонската музика.

Истата вечер во МОБ ја чувме и извонредно (дис)хармоничната какофонија, и тоа лично од авангардата во современиот џез - Хенри Тредџил Зоид.
Публиката беше задоволна и од полноќните свирки во Хард рок", со што се заокружи 27 СЏФ. Останува прашањето: Што ли ќе се случи догодина...?
И за крај, големиот Рон Картер сигурно беше "пријатно" изненаден од придружбата на џез фановите во МОБ, кои неговото соло на контрабас го "надополнуваа" со звуците на крцкавите столчиња...

Дејан ТРАЈКОСКИ
ФОТО: Н. БАТЕВ