Не сум транзициски бизнисмен

Не сум транзициски бизнисмен и немам приватизациони опашки


Криза која е актуелна по падот на цените на металите на светските берзи нема многу да го погоди Макстил, можеби ќе почувствуваме мало намалување на обемот на работа, но тоа нема да предизвика запирање на производството, дециден е Јорданов


Украинскиот милијардер Сергеј Тарута влегува во акционерската структура на Бетон, преку нова емисија на акции, по што ќе следува отворање на заедничка фирма на украинскиот пазар

Не сум дел од македонските олигарси ниту транзициски бизнисмен бидејќи во Македонија решив да инвестирам по десетгодишна заедничка работа со групацијата Дуферко на многу проекти во Украина, Русија и во други земји во Европа. Тоа значи дека немам приватизациски опашки и сум нормален македонски бизнисмен со јасна позиција да се чуваат националните интереси на Македонија и на сопствениот бизнис во рамките на тој интерес на Републиката, вели во интервјуто за ВЕЧЕР, Минчо Јорданов, претседателот на Управниот одбор на Макстил и на Одборот на доверители на градежната компанија Бетон. Со него разговаравме за кадровските смени во Бетон, новите акционери во компанијата, кои се претставници на украинскиот милијардер Сергеј Тарута, за состојбите во металопреработувачката индустрија и за загубите кои ги трпи Макстил откако компанијата сама купува струја на отворениот пазар.

Зошто постојано имате потреба да повторувате дека не сте дел од транзициските бизнисмени или македонски олигарх?
- Тоа го повторувам бидејќи и по влегувањето во медиумите некои сметаат дека тоа го направив за да си ги бранам и прикажувам остварените резултати на моите компании. Немам никаква потреба да го бранам мојот бизнис бидејќи немам опашки. Кога веќе еднаш ќе прифатиме дека и македонските бизнисмени имаа општествена, социјална, национална и патриотска обврска да ги поддржат атрибутите на државата.

Разрешивте неколку вработени на високи функции во Бетон, кои во изминатиот период беа на најистурени позиции во компанијата. Дали смената на членот во Одборот на директори Миќо Насковски и на извршниот директор Злате Јанакиевски е поврзана со евентуални лоши финансиски резултати?
- Секоја бизнис активност има свој нормален тек. Во моментов се консолидира управувањето во Бетон, а тоа значи дека професионалците се повеќе ќе ја преземаат работата во компанијата. Бетон има големи перспективи и професионалноста е потребна за добивање на зделки и нивно успешно реализирање. Тоа се две нормални фази, и ова што го зборувам не значи дека тие не биле професионални во аквизицијата, односно купувањето на Бетон, но сега ќе ни требаат професионални кадри во градежништвото. 

Кои се новите кадровски решенија, чиј избор се очекува да биде верификуван на претстојното акционерско собрание на Бетон?
- На нивното место во Одборот на директори ќе дојдат Украинци, кои се претставници на партнерите на Бетон. Се уште не можеме да го објавиме идентитетот на странците кои ќе бидат членови во Одборот бидејќи тоа ќе се дефинира деновиве. Значи важно е да напоменеме дека не се менува структурата на акционери, туку преку нова емисија на акции ќе се зголеми нивниот број. Емисијата е за познати купувачи, односно за компании кои се во сопственост на Украинците. Не можам да објавам за колку ќе се зголеми главнината на друштвото, но секако тоа ќе биде според она што го дозволува законот. 

Што се случува со Бетон, во каква кондиција е фирмата?
- Деновиве ќе ја објавиме и кредитната поддршка од македонските банки, пред се од Стопанска банка, со чија помош ќе ја консолидираме компанијата. Значи, важно е да се напомене дека Бетон е во добра финансиска кондиција, но вистински проблем за нас е тоа што во Македонија во моментов има недостиг на градежни работници. Не се проблем ниту платите, бидејќи и нив во голема мера ги консолидираме, проблем е што не можеме да најдеме градежни работници. Неодамна баравме 200 градежници, а се јавија само 20, а тоа значи дека тие се пријавени во Заводот само за да добиваат сини картони, а попладне или во текот на денот веќе се ангажирани и работат непријавени кај некои мали приватни фирми. Овој сериозен проблем очекувам да го решиме со нашето излегување на странските пазари. Ние и сега сме присутни, но во периодот што следува ќе бидеме позастапени, особено во Украина. На овој пазар ќе излеземе со наша раководна структура, а ќе земаме квалификувани работници веројатно од локалното население. Сега во градежништвото важи правилото кој има работници ќе има и зделки и ова не е проблем само во Македонија и на Балканот, туку и пошироко, бидејќи во Европа во моментов има голема експанзија во градежништвото.

Што се случува со украинскиот милијардер Сергеј Тарута, кој беше избран за неизвршен член на Бетон. Колку тој и помогна на компанијата во освојувањето на тамошниот пазар?
- Во процедура сме на отворање на фирма во Украина. Во почетокот ќе работиме преку фирмата на нашиот партнер Сергеј Тарута, а потоа ќе настапуваме заеднички. 

Макстил се задолжи во Стопанска банка со кредит од 31 милион евра, а вкупните досегашни заеми на компанијата кон банката изнесуваат 56 милиони евра. Која е економската логика на компанијата да се задолжувате токму во период кога владее криза во металопреработувачката индустрија во Македонија, како резултат на падот на цените на металите на светските берзи?
- Најголемиот дел на инвестициите ќе бидат во Валалницата и во Челичарницата, каде што ќе биде направена нова електролачна печка со комплетно нов трансформатор. Ќе се инвестира во нова регулација на печката, така што тоа ќе ни овозможи да ги намалиме трошоците за 25 проценти по единица производ и да го зголемиме производството на челик и на готови производи за над половина милион тони. Ова е втората фаза на инвестиција. Првата фаза на вложување ја направивме кога беше конфликтот во Косово, но тоа не беше загрижувачки за Макстил бидејќи секогаш треба да се следат циклусите на инвестирање во индустријата. Оваа криза која е актуелна по падот на цените на металите на светските берзи нема многу да го погоди Макстил. Значи ние не продаваме таканаречени комодити или стандарден челик, туку продаваме челик што го изработуваме како одело по мерка. Сите го прават тоа по нарачка, но го прават по стандардни квалитет и димензии и таа челична индустрија, е повеќе погодена отколку ние бидејќи нашето производство на лимови, е за крајните потрошувачи во бродарската индустрија и во производството на опрема. Можеби, сепак, ќе се почувствува некое намалување, но сметам дека тоа нема да предизвика запирање на производството бидејќи се работи за долгорочни проекти како што се изградба на термоцентрали и на бродови. Може да се намали обемот на работа, но ние не очекуваме запирање на производството бидејќи ударот на таа рецесија според наши проценки ќе биде помал. 

Како ја оценувате бизнис-климата во земјава, очекувате ли дека ќе се зголеми бројот на странските инвеститори во претстојниот период или не очекува стагнација по глобалната криза во светот, поради што сите стравуваат за капиталот, а тој станува се поскап?
-Таа лепеза на мерки кои извонредно многу ја подобрија климата за инвестирање паѓа во вода со еден ваков не добро промислен потег во енергетиката. Нашата сериозна забелешка е и енормната цена на гасот, што го плаќаме. Макстил е најголемиот потрошувач на гас и користи една третина од вкупната потрошувачка во земјава, но ова го потенцирам поради тоа што некој конечно треба да се позанимава со тоа каков договор е потпишан со Газпром од кој се купува гасот, и да се види што работи таа Регулаторна комисија за енергетика бидејки плаќаме најскап гас во Европа.