Еволуција на енолитот во Македонија

На подрачјата од Македонија врз основ истражувањата на енолитот (бакарното време), се издвојува регионална културна група во Пелагонија, т.н.р “Шуплевец – Бакарно Гумно“.



„Жена која седи“, фигура од енеолитско време од Македонија

Во овој комплекс се синхронизираат и локалитетите од микро-регионите во Кумановската котлина и источно-Брегалничката долина.
Повеќе енеолошки наоѓалишта се евидентирани со теренски опсервации, а на некои од нив се извршени истражувања : “Шуплевец – Бакарно Гумно“, Црнобуки (Пелагонија), Скопско Кале, Костоперска Карпа (Куманово), Пилаво (Кочани), Устие на Дрим и Црквени Ливади (Струга) и др.

Населбите од овој период се лоцираат главно на издигнати платоа, понекогаш на тумби, на природно заштитени места погодни за надгледување и одбрана. Исклучок се наколните живеалишта крај Охридското езеро или во р. Дрим. 

Од бакарот се изработувал накит, оружје и орудија кои воедно го иницирале развојот на првобитнитата трговија. Луѓето од оваа време се занимавале и со земјоделие, сточарство и лов иако сеуште на примитивно ниво. 

Куќите се со правоаголна основа, градени од дрвени колци и прачки, или од камења, а како врзиво ги користеле калта и плитарот. Подот е од набиена земја, а покривот од лесна конструкција, обично од две води. Се користат и некои техники на заштита за дрвото па таванските греди се премечкуваат со смоли и сл. природни средства. Внатрешноста често е поделена со преградни ѕидови. 

Покрај интензивната керамичка обработка со нови умешни начини на украсување интересни се и други напредувања. Садовите за чување храна сега се големи, со конусна и благо биконусна форма. Грнињата и чашите за секојдневна употреба, плитките чинии, елипсовидните и кантаровидни биконусни форми, сликани се со геометриски мотиви во графитна техника, на темно сива мазнета површина. 

За прв пат се појавуваат и камени чекани издлабени по ширина, за вметнување на дрвена рачка, како и плоснати секири засечени кон тапата страна. Од посебна важност за овој период се камените калапи за лиење на бакарни ленти, валчести прачки, кои биле доработувани и дооформувани во бодежи, секири, клинови и длета, што сведочи за постоење домашно производство и познавање на техниката на леење во Македонија. Ова особено ни го потврдуваат бројните наоди од локалитетот “Пилаво” - Кочанско, каде е откриена двослојна населба и која се доистражува. Како врвно достигање на крајот од енолитот треба да се споменат наодите од с. Враништа, Струшко како и од Прилеп. Тоа се лиените бакарни секири со едно сечиво и отвор кај тапиот крај, каде се вметнувала дрвената рачка. 

На локалитетот “Пилаво” - Кочанско, пронајдени се и повеќе стилизирани зооморфни и антромпорфни глинени фигурини. Некои од антропоморфните се со нагласена стеатопигија, понекогаш украсени со вмрежани кружни, полукружни и аглести линии. Школките се користени за изработка на накит.
Земјоделието е сеуште примитивно, сочувани се орудија од обработен рог-мотики. Инетересни се и влошките за секири изработени од животински коски или еленски рогови. 

За ткајарството на тогашната домаќинка ни потврдуваат бројните биконусни, конусни, валчести и плоснати прешлени за предење.

(Користени извори – “Водич низ археолошката поставка” – Музеј на Македонија, 1992 год. Скопје)