Бугарски колежи на Македонци од Поречието 1915-16
1916 год. на Бадник во еден ден, Бугарите ликвидираат 103 Поречани и ги фрлаат во ископ кај месноста Дервишка Нива. Бугарите го окупираат овој крај по повлекувањето на Србите, организираат казнена експедиција под водство на потполковникот Панов.

Имаат и црни списоци на видни луѓе, како пишува Милан Ристески во „Порече низ историјата“, сите свештеници, учители, претседатели на општините, началници на комитети, војводи и четници.


Бугарската војска во Порече организирала казнени експедиции кои вршеле ликвидации

- 205 лица од овој список се уапсени, едни однесени во Околиското началство, други во Прилеп, а половината завршиле на Дервишка Нива. 


Ман. „Св. Богородица“ во Порече е живо сведоштво за бугарските ликвидации од Првата светска војна врз  македонскиот народ

Во фондот на ман. „Света Богородица“ крај Манастирец е списокот на убиените. Ги има од сите места во Порече, најмногу - 22 се од с. Здуње, 11 од с.Лупште, 9 од Томино Село, по 8 од Долни Манастирец и Зркле. Поречани подоцна им подигнаа костурница во близина на манастирот.

- Тоа не се сите ѕверства на Бугарите од I светска војна во овој крај, каде и српската пропаганда перфидно делува. Бугарите 1 година пред тоа ликвидирале и други видни Поречани. Поп Димитрија од с. Црешево се повлекува со српската војска, но го вратил поп Мицко, убедувајќи му дека нема да е убиен. Но овој сепак со уште двајца други свештеници, ѕверски е убиен и фрлен во бунар кај Македонски Брод. Таа година од Бугарите и нивните слуги, се убиени и Јован Зенговски, Никола Дуроски и Петре Марковски од Крапа, а во Македонски Брод свештеникот Цветко Попоски и Нове Тодоровски.

- Бугарите завеле купонски систем на исхрана, вршејќи реквизиција на цела земјоделска и добиточна храна. Машката работна сила е на фронтовите, едни ги мобилизирале Србите, други Бугарите. Во селата се само жените, старците и децата, нема кој да ги ора нивите. „Лебот го надоместуваа со други производи, јадеа коприви, штавеј, зелје, костени и желади. Неколкуте десетици илјади војници што беа стационирани во Порече изедоа се'.Во овој крај, во тоа време се уништени над 150.000 глави овци и кози. Слабата исхрана на луѓето и гладот косат многу жртви, особено старците и децата. Жените се собираа по неколку во група и одеа по селата на Тиквешијата, Велешко, Скопско, од каде купуваа по 20-тина кг. пченка за да ги прехранат своите. Многу од нив умреа гладни на патиштата. Старата Јованка Синадиноска од с.Локвица цел месец не каснала леб и кога зела леб в рака, се прекрстила, каснала неколку залаци и починала. Гладот одзема жртви колку и фронтот“, пишува во своите сеќавања еден Поречанец.

- Бугарите вршат и многу грабежи, особено на печалбари како грабежот на браќата Трпе и Максим Стојаноски, тогаш вратени од Романија. Со себе донеле 6 оки злато, за што Бугарите дознале. За да дојдат до златото, ги уапсиле и обвиниле дека се србомани. Низ невидени мачења за да каже каде е златото, на Трпе му ја отсекле едната рака до лакотот и му ја ставиле во другата. Не ја издржува болката, го праќа братот Максим да ги донесе парите и ги предааваат. Откако го дале златото, Максим е пуштен, а Трпе завршил со 102 Поречани во ископот кај Дервишка Нива.

- Многу Поречани регрутирани во бугарската војска бегаат од фронтот. Поголема група од 200 момчиња се криеле во околните планини, а бугарската војска ги барала. Зимата 1916 год. открила една група, која се обидела да ја пробие блокадата, па некои се ранети, а други бегаат. По неуспехот да ги фатат, семејства се изложени на страотни маки. На жената од Ване Дамчевски од с.Црешево, Бугарите и ставиле нагорен вршник, изгорела под него, но не го предала мажот. За време војната Порече го зафатил и пегав тифус од кој изумреле околу 700 души.


Селата од Поречието страдаат по бугарската окупација од 1915 година од масакри, болести и глад

- Бугарската власт започнала и со интернација на цели села во Бугарија, да ги спречи дезертирањата на Поречани од бугарската војска. Ги интернирале прво старците и децата. Најпрво ги одвеле во Прилеп, но Прилепскиот комитет на ВМРО побарал да ги вратат назад. Бугарите привидно ги вратиле во Порече, но преку Кичево, Тетово и Скопје, пак ги интернирале во Бугарија.

„Луѓето со болка се оддалечуваа од татковината. Се наведнуваа старците да ја бакнат својата родна земја и да се простат од неа, со страв дека повеќе нема да ја видат. Се слушаше силен писок од тажачки гласови во с.Тажево. Го тажеа селото, се тажеа себеси, ги кршеа прстите, ги корнеа косите и ја повикуваа земјата да се отвори и да ги прибере каде што ги прибрала нивните предци. Група од 400 души од Тажево се иселени во Бугарија. По две години оттаму, од тие 400 души, се вратија 120. Другите ги изгубија животите - кој од глад, кој од болест, кој од студ“, цитира Милан Ристески сеќавање од тоа време.

- И селаните од с.Здуње се со судбина на многуте интернирци. „Насилството, колежите и палењата во Порече продолжуваа. Сечењето глави на селаните и бесењето на видливи места беа посебно уживање и закана на туѓинците“, раскажува Поречанец, сведок на овие настани.


Алексо Мартулков сведочи за бугарскиот однос кон Македонците од Поречието

- За интернациите пишува и Мартулков. Во своите Спомени цитира изјава на бугарски командант:
„При претресот не се најде оружје, ниту нешто што можеше да го компромитира селото или одделни селани. Но, и покрај тоа, ’опасните србомани‘ беа истерани, заедно со семејствата во Велес, за интернирање. Списокот на овие луѓе беше составен уште порано во Велес со помош на ’видните граѓани‘“, пишува Мартулков.

Мартулков вели дека, откако Василие Трбиќ, кого селата во прилепскиот крај го паметат само по зло, слетал со авион на ливадите крај Зрзе и се криел, се актуелизираат масовните интернирања на „сомнителните“ селани.Тоа не е се, група од 150 лица, старци и момчиња се присилени да работат на патот за Плетвар. Дење работат, ноќе ги затвораат во плевни. Измрзнати, гладни и боси, многумина немаат сили, па се изложени на мачења, Даме Кралески, не може да оди па Бугарите го бодат со бајонети, по што умрел. 

- По окупацијата во 1941 год., Бугарите применуваат нов однос кон Порече за да го придобијат и да ги исперат ѕверствата од I светска војна. „Министерството за просвета на Бугарија посебно размислувало како да го придобие поречкиот крај, притоа признавајќи дека е направена голема грешка со злосторствата што се вршени. Во еден документ стои дека населението од Порече можело да се побугари со посмирена политика и со други мерки, како и во другите делови на Македонија. Тогаш испраќале добри учители и се обидувале да школуваат млади Поречани во Бугарија. Истовремено воделе сметка воените регрути од овој крај да стапат во подофицерски школи“, вели д-р Растислав Теризевски.
Наредбите за ликвидации ги давал миленик на Фердинанд
 
Алексо Мартулков, кој во тоа време е еден од раководителите на бугарската власт во Азот и Порече, вели дека голем број од командите за ликвидација на Поречани ги давал потполковникот Панов, кој имал генерални полномоштија и „карт бланш“ за дејствување - лично од царот : 

„Панов беше од ерменско потекло и персиски поданик. Но, овој меѓународен авантурист и шпион беше се доселил во Бугарија уште пред војната, успеа да се зближи со царската камарила и по кратко време стана миленик на Фердинанда. Не без способности, тој успеал да се лансира како офицер во бугарската војска, а подоцна станал предавач во военото училиште“ (Спомени – Мартулков). Тој вели и дека потполковникот Панов крвавата мисија ја почнал уште со преминувањето на бугарско-српската граница есента 1915 год. 

„Во Сурдулица заклал голем број српски попови. Каде поминуваше, оставаше крвави траги, мачејќи го и колејќи го невиното мирно население. Особено со своите полчишта се појави во Азот, Порече и прилепските села, чистејќи ги србоманите. Меѓу селаните Панов беше посеал страшен ужас“, подвлекува Мартулков.

Згрозен од злосторствата на Панов, генералот Танев- командант во бугарската војска на Македонскиот фронт, инаку роден во Велес, го викнал кај себе и побарал објаснување за ѕверствата. Панов му изјавил дека тој не може да дава отчет за своите постапки никому, освен лично на царот. 

Ликвидирани во бугарскиот колеж на Бадник 1916 г.

(Извори – “Бугарите ликвидирале 103 Поречани во еден ден” – Виктор Цветановски, “Утрински весник”)