УЈП затвори 40 бензински пумпи

Управата за јавни приходи затвори 40 бензински пумпи во земјава поради непочитување на законот за фискализација и регистрирање на готовинските плаќања.


Даночниците ја спроведоа акцијата од 12 до 30 минатиот месец на територијата на цела држава, при што ставија клуч на врата на сите бензински каде што беа откриени неправилностите, без пардон и исклучок. Во засилениот инспекциски надѕор е констатирано дека 40 бензински пумпи не издавале фискални сметки, односно кај нив е утврдена разлика (кусок или вишок) меѓу остварениот и регистрираниот промет.

Според официјалните податоци на Управата, најмногу, односно 10 бензински се затворени во регионалната дирекција на УЈП во Струмица, потоа по седум пумпи во Штип и Тетово, шест во Прилеп и по пет во Скопје и Битола. Како што велат од УЈП, сите пумпи се затворени на 30 дена, а одговорните лица ќе мора да платат глоба од 1.000 евра за правното лице и 500 евра (во денарска противвредност) за одговорното лице кај правното лице.

(В.М.Б.)