И втората лидерска средба без договор

Од страна на Зоран Заев го слушнавме повторно она што е последно, а тоа е дека треба да ја свиткаме кичмата во однос на името, изјави Груевски. На лидерската средба се разговараше и за Уставните измени и за измените во Изборниот законик


Посредникот во преговорите за проблемот со името со Грција, Метју Нимиц, в среда во Њујорк, ќе му го претстави новиот предлог на македонскиот преговарачки тим Мартин Протоѓер - Никола Димитров. Премиерот Никола Груевски по вчерашната лидерска средба во Клубот на пратениците, на која прашањето за проблемот со името беше една од темите, повтори дека двојната формула е единствениот прифатлив компромис.
- Во исчекување сме да го видиме новиот предлог на Метју Нимиц. Компромисот на кој сме подготвени е двојната формула. Тоа е предвидено и во програмата на ВМРО-ДПМНЕ. Според двојната формула, Уставното име на Република Македонија ќе важи за меѓународна комуникација со сите останати држави, а со Грција да се преговара за компромисно решение во билатералната комуникација. Да се разговара што сакаат тие да се измени во билатералната комуникација. Од страна на Зоран Заев го слушнавме повторно она што е последно, а тоа е дека треба да ја свиткаме кичмата во однос на името, изјави Груевски.

В.д. лидерот на СДСМ, исто така побара дискусија за прашањето за името, но сепак по средбата не го соопшти ставот на СДСМ за овој проблем. Според Заев, ова прашање е врвен приоритет, а останатите теми иако имаат големо значење во моментов треба да бидат ставени во втор план. Заев го повика Црвенковски да свика лидерска средба за проблемот со името на која македонскиот државен врв ќе изгради заеднички став.
- Нимиц очекува заеднички став од државниот врв по што би следувал неговиот предлог, вели Заев. Двете партии од албанскиот политички блок, ДУИ и ДПА го поддржуваат уставното име. Од партијата на Мендух Тачи бараат проблемот со името што поскоро да се реши за Македонија да стане дел од ЕУ и НАТО.

На лидерската средба, како и на онаа минатата недела се дискутираше и за предлогот за Уставни измени во делот за избор на претседател на државата и измените во Изборниот законик.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, согласно препораките на меѓународниот фактор остана на ставот за укинување на цензусот за избор на шеф на државата во вториот изборен круг. ДУИ и натаму тврди дека најдобро решение е идниот претседател да биде избран во Парламентот и тоа со Бадинтерово мнозинство. СДСМ настапи со став за мало намалување на цензусот од 50 на 40 проценти, а ДПА го повтори ставот за потпретседател Албанец.

Во однос на измените во Изборниот законик, можен е договор според кој дијаспората би можела да гласа на следните парламентарни избори. СДСМ бара за загарантираните пратенички места на помалите етнички заедници да се разговара на ниво на експертски групи, но под услов да се избере нов претседател на Државната изборна комисија. Партиите побараа време за дополнителни консултаци до следната лидерска средба, идната недела.

 (Г.Ма)