ЕВРОПСКИ ДЕНОВИ НА КУЛТУРНОТО НАСЛЕДСТВО

Свадбата во Кокино, Тумба - Маџари и Жетва во Арбанашко


Покрај овие археолошки и етнолошки филмови, во Музејот се промовираше и Детскиот музејски клуб

Во рамките на "Европските денови на културното наследство" во Музејот на Македонија беа презентирани три етнолошки и археолошки филмови.
Беа прикажани филмот "Тумба - Маџари" - уметничка визуелизација на археологот Воислав Санев за животот на неолитскиот локалитет, етнолошкиот "Свадбата во Кокино" на Анита Георѓиеска - видеореконструкција на свадбени обичаи во Кокино и "Жетва во Арбанашко" на Надица Петковиќ, документарен запис за жетвата во кумановското село, која поради непристапноста на местото и денеска се врши рачно.

Во Музејот на Македонија денеска беше промовиран и првиот Детски музејски клуб за деца и ученици на возраст од пет до 18 години. Со годишна членарина од 200 денари, тие ќе имаат можност да го посетуваат Музејот без да купуваат билет, да учествуваат во едукативните програми со своето семејство за време на викендите и да ја користат музејската библиотека.
Тие со идеи и предлози ќе може да учествуваат и во осмислувањето на едукативните активности, ќе добиваат покани за отворање изложби во Музејот, како и награди и пофалници.