Возила од АРМ нагазиле на мина, повредени нема

Колона возила од контингентот на македонската армија во Ирак налетала на експлозивна направа, повредени нема, соопшти Министерството за одбрана.


Инцидентот се случил во Таџи. Колоната возила налетала на импровизирана експлозивна направа во саботата во раните утрински часови.

Притоа, како што соопшти Министерството за одбрана, направено е незначително оштетување на едно моторно возило од колоната, без никакви последици по животите и здравјето на припадниците на АРМ.

Експлозивната направа била поставена на работ на патот по кој се движела колоната борбени моторни возила познати како "хамви". По извршување на увидот и известувањето на претпоставената команда, колоната безбедно се вратила во базата во Таџи.

- Сите припадници на АРМ кои во моментов се распоредени на извршување задачи во мисијата "Слобода за Ирак" во Ирак, се чувствуваат добро и продолжуваат со извршување на редовните задачи во рамките на мисијата, се вели во соопштението од Министерството за одбрана.
Македонски војници инаку освен во Ирак, учествуваат и во други меѓународни мисии како онаа во Афганистан, потоа мисијата на Европската унија АЛТЕА во Босна и Херцеговина.