Пандев распали и по Виолетовите

Македонскиот репрезентативец го постигна својот трет гол сезонава и беше еден од најзаслужните за победата на Лацио над Фиорентина (3:0)


Освен со убедливиот триумф, дербито од 4. коло во италијанската Серија А, помеѓу Лацио и Фиорентина, го одбележа и третиот овосезонски погодок на репрезентативецот на Македонија и најголема ѕвезда на "светло-сините" Горан Пандев. Како и што доликува на еден голегетер од светска класа, Пандев прво успеа да се ослободи од неколку противнички дефанзивци, а потоа со невидена прецизност ја погоди мрежата на индиспонираниот Себастијан Фреј. Пандев учествуваше и во акцијата за водечкиот гол. Тој убаво го проигра Зарате, кој стрелаше во пречката, а одбиената топка Маури атрактивно, со ножички ја смести во мрежата.

Лацио се искачи на второто место на табелата со девет бода, колку што има и Аталанта, а пред него е само лидерот, Интер, кој има еден бод предност.
- Многу сум среќен. Поработев на оваа група и можам да потврдам дека истата е подготвена за нов победнички циклус. Сакаме да завршиме таму каде што планиравме пред почетокот на сезоната. Пробав со неколку нови лица да стигнам до трите бода, успеав, и забележав дека сите се мотивирани. Пандев е еден од најдобрите напаѓачи. Беше меѓу најдобрите. Благодарение на него, ние се чувствуваме далеку поорганизирано, помоќно и со поголема самодоверба, изјави тренерот на Лацио, Делио Роси.

Низа од две победи направи и Милан. Избраниците на Карло Анчелоти не дозволија никакво изненадување на гостувањето во Реџо Калабрија и славеа над Реџина.
- Имавме големи проблеми, бидејќи одиграа премногу агресивно во поголемиот дел од натпреварот. Дадовме се од себе по израмнувачкиот погодок. Нема подобра увертира за едно дерби од две победи по ред. Што се однесува до Роналдињо, можам само да кажам дека само будала не би сметал на неговите услуги кога е максимално подготвен. Дербито со Интер е одлична можност да ги презентира неговите неспорни квалитети, изјави тренерот на "росонерите".

Струмичанецот во тимот на колото во Серија А
Напаѓачот на репрезентацијата на Македонија и римскиот Лацио, Горан Пандев за својата игра против Фиорентина покрај аплаузите од навивачите на лацијалите доби признание и од медиумите. Во рангирањето на електронското издание Гол. ком., струмичанецот заедно со својот соиграч Маури беа избрани во тимот на 4. коло на Серија А. Меѓу најдобрите 11-мина се најдоа и по двајца фудбалери на Јувентус и Наполи.

Идеалниот тим според системот 4-3-3: Албано Бизари (Катанија), Кристијан Маџо (Наполи), Иван Кордоба (Интер), Никола Легроталје (Јувентус) - Себастијан Џовинко (Јувентус), Марек Хамшик (Наполи), Андреа Џанкета (Лече), Стефано Маури (Лацио) - Алесандре Пато (Милан), Диего Милито (Џенова), Горан Пандев (Лацио).

Резултати: Џенова - Рома 3:1 (Скули 4', Милито 61', 88' - Де Роси 28'), Интер - Лече 1:0 (Круз 79'), Јувентус - Катанија 1:1 (Амаури 16' - Плазмати 68'), Лацио - Фиорентина 3:0 (Маури 51', Пандев 55', Сивилја 59'), Реџина - Милан 1:2 (Коради 59' - Бориело 24', Пато 73'), Наполи - Палермо 2:1 (Хамсик 14', Залајета 75' - Миколи 83' пен), Болоња - Удинезе 0:3 (Д'агостино 13' пен, Флорес 20', Пепе 73'), Киево - Торино 1:1 (Марколини 50' - Бјанки 40' пен), Аталанта - Калјари 1:0 (Флокари 79'), Сиена - Сампдорија 0:0.

СЕРИЈА А
ТАБЕЛА

1. Интер 4 3 1 0 7:3 10
2. Лацио 4 3 0 1 10:5 9
3. Аталанта 4 3 0 1 3:1 9
4. Наполи 4 2 2 0 5:3 8
5. Јувентус 4 2 2 0 4:2 8
6. Удинезе 4 2 1 1 6:2 7
7. Катанија 4 2 1 1 4:3 7
8. Џенова 4 2 0 2 6:4 6
9. Милан 4 2 0 2 7:6 6
10. Палермо 4 2 0 2 7:7 6
11. Торино 4 1 2 1 6:5 5
12. Сиена 4 1 2 1 3:2 5
13. Циево 4 1 2 1 4:5 5
14. Рома 4 1 1 2 6:7 4
15. Лече 4 1 1 2 3:5 4
16. Фиорентина 4 1 1 2 3:6 4
17. Сампдорија 4 0 3 1 2:4 3
18. Болоња 4 1 0 3 2:6 3
19. Реџина 4 0 1 3 3:8 1
20. Калјари 4 0 0 4 1:8 0