Нимиц со конечен предлог на 6 октомври?!

Според дипломатски извори на кои се повикуваат грчките медиуми, на следната средба на посредникот, на преговарачите ќе им биде даден рок да се изјаснат за предлогот.


Рокот за одговор од двете страни ќе биде образложен со фактот дека, ако прашањето не се реши сега, преговорите ќе се "замрзнат" поради претседателските избори во Соединетите Држави што ќе се одржат во ноември, како и изборите во земјава предвидени за март, идната година

Посредникот Метју Нимиц на 6 октомври ќе ги покани преговарачите на Македонија и Грција за официјално да им го врачи конечниот предлог за решение околу името, јави вчера грчката агенција Ана- Мпа, повикувајќи се на дипломатски извори. Според истите извори, Нимиц на двете страни ќе им постави и рок до кога треба да му одговорат за предлогот. Рокот за одговор од македонската и грчката страна ќе биде образложен со фактот дека, ако прашањето не се реши сега, преговорите ќе останат "замрзнати" подолг период. Причина за тоа се претседателските избори во Соединетите Држави што ќе се одржат во ноември, како и изборите во земјава, во март, идната година.

За името вчера доцна попладне разговараше претседателот Бранко Црвенковски со американскиот помошник државен секретар Даниел Фрид. Според Црвенковски поддршката на Соединетите Држави е потребна и позитивна од аспект на земјава. "Со нивното учеството во тој процес шансите за решение се поголеми", смета претседателот.

За вчера беше предвидена и средба на шефицата на грчката дипломатија Дора Бакојани со американскиот државен секретар Кондолиза Рајс. Според грчките медиуми, Рајс на средбата со Бакојани ќе ја изнесе намерата на Америка за брзо приклучување на Македонија во НАТО. Според дипломатски извори, во Њујорк и Вашингтон се повеќе надвладува ставот дека, во случај на договор за името, неговиот текст ќе треба да спроведе паралелно со декларација на Атина и Скопје, во која ќе се наведе дека имаат различни позиции за македонскиот јазик и идентитет и оти тоа прашање ќе се реши врз основа на принципите на Обединетите нации. Истите извори, на кои се повикуват грчките медиуми, американскиот Стејт департмент предвидува и преоден период во кој Скопје би ги спровело неопходните промени, во случај да биде постигнат договор за име со географска одредница, кое би се користело во меѓународните односи.

За спорот со името, во Њујорк, со Нимиц разговараа Бакојани и Црвенковски. Посредникот по овие средби рече дека на наредната рунда разговори за името сака да ги слушне конечните оценки на Македонија и на Грција за последниот пакет-идеи. За разлика од информациите во грчките медиуми дека посредникот на следната средба со преговарачите ќе претстави формален предлог, Нимиц по средбата со Бакојани и Рајс не прецизираше дали тоа ќе се случи:
- Ќе разговарам со претставниците на двете земји и ќе решиме што ќе правиме. Ако има нов предлог ќе бидете известени, рече Нимиц. Посредникот укажа дека и покрај разногласието меѓу македонските државно-владини претставници по одредени прашања, претседателот и премиерот за името имаат усогласен став. Нимиц смета дека и двете страни, македонската и грчката работат интензивно на изнаоѓање решение, но оти не знае дали тоа ќе биде постигнато.

Претседателот Црвенковски по средбата со Нимиц истакна дека македонската страна за својот став за последниот пакет идеи ќе го информира на следната средба. Црвенковски рече дека за тоа е потребно да се сретне државниот врв и додаде оти се надева дека веднаш по неговото врќање во земјава ќе има средба во веќе познатиот формат, или со премиерот, шефот на дипломатијата, претставниците во преговорите. Министерот за надворешни Антонио Милошоски кој не присуствуваше на средбата на претседателот со Нимиц, истакна дека за тоа дали македонската делегација ќе се врати со решение за спорот зависи исклучиво од Црвенковски. И шефицата на грчката дипломатија Дора Бакојани по средбата со Нимиц истакна дека за нивните ставови посредникот ќе биде известен на следната рунда разговори.

МИНИСТЕРОТ ГО ИЗВЕСТИЛ ПРЕМИЕРОТ ДЕКА:
Бакојани барала, Бранко не сакал.....средба во Њујорк!

Премиерот Никола Груевски е разочаран бидејќи,како што вели Претседателот Бранко Црвенковски во Њујорк не искористил историска можност да преговара и да најде решение за прашањето за името. Груевски изјави дека од министерот за надворешни работи Антонио Милошоски бил информиран дека неговата грчка колешка Дора Бакојани била подготвена да се сретне со Црвенковски, но тој тоа го одбил.

-Ние бевме убедени дека Црвенковски во Њујорк ќе издејствува одредени поволности во врска со прашањето за името или можеби ќе успее да најде решение. Таму беа присутни кои играат значајна улога по ова прашање. Јас мислев дека Црвенковски таква историска шанса нема да пропушти. За жал сфатив дека тоа не му била идејата, туку да се сретне со Српскиот и Косовскиот Претседател. Еден ваков собир можеше да се искористи за ова прашање да се реши и да ја искористиме историската шанса да станеме членки на НАТО и што побрзо да ги започнеме преговорите за полноправно членство во ЕУ, рече Груевски по лидерската средба.

- Милошоски после средбата со Бакојани ми кажа дека, на негово прашање таа изразила подготвеност да се сретне со Црвенковски доколку тој сака и да разговараат за решение, но за жал од непознати причини тој го одбегна тоа, рече Груевски. Тој сеуште се надева дека преостанатите два дена во Њујорк Црвенковски ќе ги искористи за да се најде решение за името.

(Г.Ма)