ТАВ Македонија ќе ги стокми аеродромите

Државата во наредните 20 години од наплата на надоместокот за концесија ќе собере до 40 милиони евра


 

ТАВ Македонија е компанијата која ќе ги модернизира и концесионира аеродромите во Скопје и во Охрид и ќе го гради карго-аеродромот кај Штип. Договорот вчера го потпишаа министерот за транспорт Миле Јанакиески и директорот на турски ТАВ, Мустафа Сани Шенер. Тој вети дека од скопскиот аеродром ќе направи модерно авиопристаниште со кое сите ќе се гордеат.
- Ова е одличен проект за чија реализација македонската влада нема да вложи ниту денар. Аеродромите се сликата за една земја и преку нив патниците го добиваат првиот впечаток кога влегуваат или излегуваат од неа - рече Сани Шенер, по потпишувањето на договорот.
Министерот Јанакиески нагласи дека ова е прва концесија од ваков тип што се дава во земјава.
- Македонија заслужува ваква инвестиција која ќе овозможи подобрување на услугите за граѓаните и за сите што ќе доаѓаат во државата - истакна Јанакиески.

Според него, покрај модерни аеродроми, државата во наредните 20 години очекува од наплата на надоместокот за концесија прилив во буџетот од 30 до 40 милиони евра.
- Износот на надоместокот што ќе го плаќаат турските инвеститори секоја година зависи од бројот на патниците на аеродромите. Од сегашната бројка од 500.000 патници на годишно ниво, проценките се дека за 20 години ќе има пораст од два до три милиони луѓе што ќе поминат низ аеродромите - објасни Јанакиески.

Во првите три години, турски ТАВ ќе инвестира над 200 милиони евра. Најголем дел од средствата ќе бидат вложени во изградба на карго-аеродромот во Штип, но со него турската компанија нема да стопанисува.
- Во документацијата имаше опција со штипскиот аеродром да стопанисува Владата или идниот концесионер. Три години по изградбата на штипскиот аеродром ќе бараме друг концесионер, или пак државата ќе стопанисува со овој аеродром, кој на почетокот ќе биде во функција на слободната економска зона во Штип - појасни Јанакиески.

Акционерското друштво за аеродромски услуги продолжува да функционира, а сите вработени ќе бидат преземени од новото претпријатие ТАВ Македонија.
- За незавршена работа во предвиден рок компанијата ќе плаќа дневни пенали од 5.000 евра и ако во тој рок не ја заврши работата, ќе се раскине договорот - увери Јанакиески.

(С.Бл)
ФОТО: Д. Андоновски