Бранко и Дора на одделни средби со Нимиц

Црвенковски не го поканил Милошоски на средбата со медијаторот Нимиц.


Македонскиот шеф на дипломатијата пак на средба со високиот американски функционер Фрид укажал дека евентуалната промена на грчките позиции како оспорување на македонскиот јазик, барањето за промена на уставот, би отвориле повеќе можности за затворање на спорот за името

Посредникот во грчко-македонскиот спор, Метју Нимиц, доцна синоќа по македонско време, во Њујорк, требаше да се сретне прво со шефицата на грчката дипломатија Дора Бакојани, а потоа и со претседателот Бранко Црвенковски. Според најавите, целта на овие средби е да се разгледа последниот пакет идеи што Нимиц го презентираше на македонската и грчката страна на последната средба пред десетина дена во Њујорк. На средбата со Нимиц, како што информираат од македонското МНР, не бил поканет министерот за надворешни работи Антонио Милошоски. За името Милошоски разговараше со американскиот помошник државен секретар Даниел Фрид, кој пак доцна синоќа беше најавено дека ќе се сретне и со Црвенковски.

Милошоски, како што јави МИА, на средбата со Фрид укажал дека три причини го отежнуваат процесот за изнаоѓање решение за името. Првата е грчкото оспорување на идентитетот на македонската нација и јазик. Втората е барањето на Атина за промена на Уставот, што од македонска страна се толкува како оспорување на суверенитетот и отворено мешање во внатрешните работи. Третата причина е барањето на Грција да им се наложи на државите кои веќе го признале уставното име на Република Македонија да ја сменат таквата одлука. Евентуалната промена на овие грчки позиции, според шефот на дипломатијата, би го олесниле процесот и би отвориле повеќе можности за затворање на прашањето. На средбата било оценето дека спорот може да се реши само ако и двете земји направат отстапки од своите ставови. Македонија инсистира на двојната формула како решение, а Грција на едно име што би било за севкупна уотреба. Милошоски посочил дека треба да се најде и инструмент што ќе гарантира дека и двете страни би се придржувале до евентуалниот договор.

Спорот со името денеска ќе биде тема на средбата на Бакојани со американскиот државен секретар Кондолза Рајс. Средбите на Бакојани за грчко-македонскиот спор, медиумите во Атина во вчерашните изданија ги оценија како многу важни. Рајс според грчки Етнос ќе изврши притисок врз Грција да го прифати последниот пакет идеи на Нимиц. Според весникот "Нимиц веќе предложил да се остварат средби на почетокот на октомври, годинава, со преговарачите на Атина и на Скопје, средбите ќе се одржат во Женева, а очекувањата се таму да се конкретизираат предлозите на Нимиц". Според весникот "посредникот го предлага името Северна Македонија, а на Скопје му подарува "македонски етнос" и "македонски јазик". Елефтерос Типос пак пишува дека двајца американски сенатори, демократот Роберт Менендез и републиканката Олимпија Сноу бараат од администрацијата на Буш да ја повлече одлуката за признавање на Македонија под уставното име, "ако Скопје не покаже отворени намери за соработка во решавањето на спорот со Грција". Преку текст во Вашингтон тајмс, Менендез и Сноу укажуваат дека "Вашингтон не само што не помага во посредувањата на ООН, туку и постојано го охрабрува Скопје да заземе една предизвикувачка и цврста позиција во преговорите за името".

(С.Д.)