Запленети археолошки предмети од диви копачи

Кај двајца браќа од Марвинци се пронајдени монети, монистра, копче со претставен лав на него, 20 фрагменти од теракотна фигура, фрагменти од олово, железно копје... Вредните предмети потекнуваат од периодот меѓу 3. век пр.н.е. до 3 век од н.е.


Драгоцени археолошки предмети кои потекнуваат од периодот меѓу 3. век пр.н.е. до 3 век од н.е., се пронајдени во домовите на двајца браќа во селото Марвинци. Предметите од македонско-хеленистичкиот период се откриени по претходно добиени сознанија на МВР, и имаат голема културна вредност.

Се работи за: 11 монети, монистра, копче со претставен лав на него, 20 фрагменти од теракотна фигура, фрагменти од олово, од мегарска чаша, железен врв од копје - македонско-хеленистички период, 6 салтаментни фрагменти од бронза и сребро...
- Овие лица ги ископувале предметите долго време наназад. Со помош на детектори ги наоѓале, ги отворале гробовите, и ги присвојувале предметите од археолошкиот локалитет Исар Марвинци, рече на вчерашната прес-конференција, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска.

Таа објасни дека двајцата браќа, откако започнале ископувањата на локалитетот Исар Марвинци, настојувале да најдат купувач.
- Една монета изнесува од 1.000 до 6.000 денари. Потоа, на интернет аукциите може да достигне и до 5000 евра, рече Јанкуловска.

На истите осомничени, од 2001 година до сега, им се поднесени 4 кривични пријави од оваа област. Еден од нив веќе бил осуден за вакво дело.
Министерката за култура, пак, Канческа-Милевска го потенцираше фрагментот од килибар, кој потекнува од 7 до 6 век пр.н.е., железно копје, две плитки чинии, амфора... Таа рече дека истражувања се вршат на 16 археолошки локалитети во Македонија, и дека на сите има чуварска служба.

Пронајдените предмети ќе бидат предадени на вештачење, а потоа ќе бидат поднесени и кривични пријави до сторителите.

Артефакти се продаваат како македонски предмети од Грција!
- Јавна тајна е дека во изминативе 20-тина - 30 години само на локалитетот Исар Марвинци диво се ископани приближно 1000 гробни места, а огромен број артефакти им се продаваат на домашни прекупувачи и грчки државјани за потоа да завршуваат на аукции како македонски предмети од Грција, рече министерката Јанкуловска.

(Де.Т.)
ФОТО: Н. БАТЕВ