Расте апетитот за успеси

Премиерот Никола Груевски им се заблагодари на кошаркарите за големиот успех што го направија со пласман на Европското првенство наредната година во Полска


Во време кога Македонија е во интензивна битка за зачувување на уставното име со нашиот јужен сосед, кошаркарската репрезентација на најдобар можен начин не промовираше во Европа. Нашите најдобри кошаркари по цели десет години апстиненција од европската сцена успеаја да се пласираат на Европското првенство во Полска (7-20 септември) наредната година. Токму затоа вчера македонските репрезентативци во Владата на Р. Македонија ги прими премиерот Никола Груевски, заедно со директорот на Агенцијата за млади и спорт, Драган Ѓурчевски.

Претседателот на Владата им го честиташе вториот пласман на нашите кошаркари на едно Европско првенство, како и големиот успех кој беше постигнат со остварување на првото место во квалификациската групата што претставува најголем успех на македонската кошарка. Груевски додаде дека посакува успешно одвивање на подготовките за настап на ЕП, а истакна оти Владата на Р. Македонија ќе продолжи да ја помага кошаркарската репрезентација во насока на што поуспешен настап на првенството наредната година. Претседателот на Владата, исто така, наведе дека Владата и понатаму ќе продолжи засилено да инвестира во спортот, преку имплементација за проекти за изградба на спортски објекти и стипендии за млади и талентирани спортисти.
- Премиерот им се заблагодари на кошаркарите за големиот успех што го направија со пласман на Европското првенство наредната година во Полска. Цели десет години чекавме да бидеме дел од едно континентално натпреварување. Голем дел за успесите на репрезентацијата има и новата сала "Борис Трајковски". Едноставно атмосферата којашто ја направија македонските фанови придонесе успехот да биде целосен. Агенцијата за млади и спорт за овој успех ќе ја исплати ветената премијата од 20.000 евра. Ова е може би скромна сума за ваков успех, но ние продолжуваме со трендот еднократно наградување на сите спортски успеси. Агенцијата е подготвена да придонесе и во текот на подготовките за што подобар пласман на Европското првенство, изјави Драган Ѓурчевски по средбата.

Кога се апетитите за подобар пласман на ЕП во прашање, своето мислење го кажа и репрезентативецот Предраг Самарџиски.
- Прво посакувам полесни противници во групата, а сметам дека со добри подготовки и дисциплинирана игра, можеме да се избориме за повисок пласман, некаде на шестото или седмото место - смета репрезентативниот крилен центар . (С.Та)

- Со добри подготовки и дисциплинирана игра, можеме да се избориме за шестото или седмото место на ЕП
Предраг Самарџиски


Премиерот во дрес со број 1
Возвратни комплименти до Агенцијата за млади и спорт искажа и капитенот на кошаркарската репезентација на Македонија, Врбица Стефанов.
- Како капитен на репрезентацијата прво сакам да и се заблагодарам на Агенцијата за млади и спорт што застана зад нас, благодарност до премиерот, Груевски што го искажа чувстовото на задоволство, да им честитам на сите репрезентативци што и дадоа едно големо задоволство на Македонија. Сега мотивот за постигнување успех е поголем и апетите како во секоја работа, така и нашата работа. Ова што го направивме беше голем успех за Македонија, а пораснати се и нашите апетити за подобар пласман на првенството, изјави Стефанов.
Воедно, капитенот му подари на премиерот и дрес со бројот 1 и баскет потпишан од сите репрезентативци, како благодарност за изразената поддршка.