Најдени теракотни икони со теми од Стариот завет

Теракотни икони со теми од Стариот завет, Давидовите псалми и претстави на светители, се новите скапоцени откритија на археолошкиот локалитет Виничко Кале.


На новооткриените икони се забележуваат нови сцени со доминација на мотиви од тогашниот секојдневен живот на луѓето, коњаници, животороден извор, сцени со морски животни, риби, школки.

Иконите датираат од периодот меѓу 4 и 6 век, а христијанските мотиви на иконографиите од црковен карактер ја потврдуваат констатацијата дека овој археолошки локалитет во изминатите векови бил силен христијански центар.

Паско Кузман, директор на Управата за заштита на културното наследство, откако го разгледа Виничкото Кале истакна дека ова е најголемата археолошка акција на овој локалитет, за која Владата одобри шест милиони денари. Проектот, зад кој целосно стои Владата, вклучува целосно откривање, истражување и конзервација на Виничкото Кале, како и изградба на Музеј на теракотните икони во Виница.
- Со оглед на големите резултати што се постигнати на Виничкото Кале, се надевам дека со ребалансот на буџетот за оваа година може да се случи работите на Калето да продолжат и во ноември и декември, изјави Кузман.

Историја на Виничко Кале
На Виничко Кале од 1985 година до денес археолозите истражуваа површина од 25.000 метри квадратни. Пронајдените артефакти зборуваат дека на тој простор постои живот 4.200 години. Првите теракотни икони случајно се откриени во далечната 1977 година од диви копачи, а со систематските истражувања во 1985 година источно од малата црква лоцирана на Виничкото Кале, на депонија се откриени теракотни икони од сакрален објект. Во виничкиот трезор на теракотни икони се наоѓаат 50 цели икони и стотина фрагментирани со мотиви од 15 сцени во повеќе реплики.