ПО ТРИ ГОДИНИ МПЦ ЌЕ ОДРЖУВА ЦРКОВНО-НАРОДЕН СОБОР

МПЦ ќе го менува својот највисок организационен акт- Уставот. Тоа е всушност и клучната точка на претсојниот црковно-народен собор кој ќе се одражи првата недела од октомври, дознава Вечер.



Засега никој од владиците на МПЦ не открива за какви уставни измени се подготвува Црквата, но она што Вечер го дознава од неофициајлни извори е дека престојат суштински измени на црковниот Устав. Сите епархи биле задолжени да достават свои амандмани за уставните измени, а комисијата на соборот ќе одлучува кои ќе бидат прифатени. Нема информации дали ќе има скратување или евентуално зголемување на ингеренциите на Архиепископот и митрополитите, иако извори на Вечер не отфрлаат таква иницијатива. Но затоа Вечер располага со информација дека измени ќе има во делот на старосната граница за пензионирање на владиците. Исто така најверојатно со новиот Устав на МПЦ ќе биде предвидено дека целокупниот имот стекнат за време на архиерејскиот стаж, наместо на роднините, владиците да го остават на МПЦ, што не беше случај досега.

Иако на дневен ред нема точка поврзана со финансиските скандали што ја тресеа црквата изминативе три години, сепак црковно народниот собор е тело пред кое епархиите ќе мора да дадат отчет за финансикото работење. Црковни извори посочуваат дека токму сега е моментот владиците отворено меѓусебе да проговорат за сите скандали од Говрлево до Изгрев, за да се расчистат сите афери.

Проблемот со австралиско-новозеландската епархија исто така ќе биде на дневен ред. Но она што го бараа четирите црковни општини, кои не ја признаваа јуриздикцијата на МПЦ, поделба на епаријата на два дела, најверојатно нема да се случи. Надлежниот Архиереиј, владиката Петар е во Австралија каде деновиве епархиското Собрание ги верификувало сите завршни сметки. Епархиското собрание донело одлука да не се дели епархијата. Тој очекува дека до крајот на годината ќе завршат сите судски процеси пред австралиските судови и тоа во корист на МПЦ.
Инаку Македонската православна црква својот последен црковно-народен собор го одржа во 2005-тата во манастирскиот комплекс калишта во Струга.

Марјан Николовски