Струјата ќе поскапи за 10,48 %

За увоз на струја во земјава за првите 8 месеци годинава се потрошени фантастични 138 милиони евра. Ова е и една од најбитните причини зошто мораше да се покачат сметките за струја


Цената на струјата ќе порасне за 10,48 отсто, дознаваат Вечер и Сител. Регулаторната комисија веќе го има испратено предлогот до ЕЛЕМ, МЕПСО и ЕВН, а веќе следната среда на состанок во комисијата треба да биде донесена финалната одлука.
Крајниот предлог на Регулаторната комисија е далеку под барањето на ЕЛЕМ за покачување на цената на струјата за 39 отсто. Тој е дури и под прогнозата на премиерот Груевски, кој спомена поскапување од 16 отсто.

Дали по покачувањето на цената на електричната енергија ќе има подобрување во енергетскиот сектор во земјава? Директорот на електрани на Македонија, Чингоски, завчера рече дека производството е зголемено.
- Производството не е намалено, туку е зголемено. Забележано е зголемување од 1,38 насто, а се очекува до крајот на годинава тоа уште да расте - вели Влатко Чингоски, директор на Електрани на Македонија.

Експертите, пак, повторуваат дека производството мора уште да се зголеми.
- Македонија е увозно зависна земја. Мора да се зголеми производството на електрична енергија во државава, па макар и да се оди на зголемување на увозот на суровини за производство на струја, таа мора да биде произведена кај нас - вели Константин Димитров, професор на Машинскиот факултет. За увоз на струја во земјава за првите 8 месеци годинава се потрошени фантастични 138 милиони евра. Ова е и една од најбитните причини зошто мораше да се покачат сметките за струја.

(И.Т.)