Чуповски во организирањето на Македонците

28.X.1902 год. прекалениот македонски стожер од Димитрија Чуповски, К.П.Мисирков, Стефан Ј. Дедов и Дијамандија Трпков ги собира и организира Македонците студенти и интелектуалци во Русија.


Со 19 (деветнаест) потписи (при што првиот потпис е на Крсте П. Мисирков, а вториот на Димитрија Чуповски) трга да ја легализира македонската национална идеологија во Русија како Голема сила, со што истата би добила легалност и на секаде. Потписите се на Молба до Советот на “Петербуршкото словенско благотворно друштво” во која по изнесените причини за расцепканоста на македонската интелигенција се вели:

“...За да ги избегнеме жалните резултати од таквата раздробеност и за да имаме можност да се обединиме врз базата на единството на татковината, истото потекло и иднината, како и врз базата на заедничкото изучување на нашата татковина во историски, етнографски, фолклорен и јазичен поглед, ние долупотпишаните имаме чест најпокорно да го замолиме С. Петербуршкото словенско благотворно друштво да ни дозволи да се собираме во неговите простории врз истата основа врз којашто стануваат таквите собранија на чешката, бугарската и српската младина што учи во С. Петербург“


Молбата до Советот на “Петербуршкото словенско благотворно друштво” од 1902 година

По две седници, Советот донесе позитивно решение и со тоа го направи првото официјално признавање на македонската културно-национална индивидуалност, зачленувајќи го Македонското студентско другарство во Општословенското друштво “Славјанска беседа”.


Од лево седи Димитрија Чуповски, стои брат му Наце Димов и Гаврил Константинович од Костурско

Тогаш официјално се конституира и Македонското Другарство чиј Претседател станува правникот Дијамандија Т. Мишајков, Потпретседател Гаврил Константинович студент на Воено-медицинската академија, Секретар Милан Стоилов од Кукуш студент на истата академија кој подоцна загинува во Илинденското востание, Библиотекар Ристо Русуленчич студент на Физичко-математичкиот факултет, а во прво време изгледа и Христо Шалдев е член на Управата, но кој подоцна нанесува ненадоместлива штета на македонското револуционерно дело ставајќи се во услуга на Егзархот.

Наскоро Стефан Дедов оди во Софија за да ја организира тамошната емиграција и ги покренува весниците “Балкан“ (1903) кој е забранет од Бугарите па го покренува “Куриер“(1904) и најпосле “Балкански куриер“(1905). Претседателот Дијамандија Мишајков пак оди во Македонија и родната Битола со цел да го организира теренот за решавачкиот миг, па на чело на Другарството во С. Петербург застанува најактивниот член на ова Другарство Димитрија Чуповски. Тој на должноста Претседател на Другарството останува се до крајот на неговата дејност.