Чуповски оди во Русија

11.VII.1897 год. - во писмо пишувано во Белград до Министерот за надворешни работи на Србија, Чуповски моли за овозможување продолжување на образованието во Русија, велејќи:


“Сакајќи и натаму да продолжам, а немајќи од каде овде да опстанам, се обратив до Управата на Друштвото Св. Сава и со нивната добрина бев препорачан во братска Русија, каде што ме примија за питомец на Новогордската духовна семинарија“.

Бидејќи и на Димитрија како и на К.П. Мисирков во Русија не му е признаено Учителското училиште во Србија како средно образование, стапува во редовно руско училиште. Доаѓа во Новогордската духовна семинарија (а Мисирков во Молдавската, единствено во духовните училишта можело да се добие стипендија). По 2 години поминати во интернатот на Семинаријата во јули 1897 год. “по совет на лекарот“, е упатен во родното место, каде е за време на летниот распуст.

1900 год. по завршувањето на Новогордската семинарија, Чуповски се запишува во Петербуршката духовна академија и тоа како “Словеномакедонец“ по националност (во Списокот на студентите на С.-Петербуршката духовна академија...за 1901/1902 уч. год. стои “Димитриј Димитриевич Чуповскиј, 25 [години], син на Словеномакедонец, почесен граѓанин на г. Крушево“ (ЛГИА, ф.277, оп. 1, д. 3411, л. 13).

За самосознанието на Чуповски интересен е и записот врз негова фотографија, од негов колега Србин кој запишал:

“На успомену и лепо сеќање Димитрију Димитриевиќу, г. Чуповскому, Словено Маќедонцу, од Богдана В. Обрадовиќа – слушаоца првог курса петроградске Духовне Академије. 1. маја 1902 г. У Петрограду ( Старо-Србијанац)“.

Од ова и јасно е дека додавките од типот “Словено” (Маќедонац) и “Старо”- (Србијанац) се само поопшто-социјални именувања додека вистинската националност е во остатокот - Македонец или кај колегата Србин. Форсирањето на “Словенството” кај македонските дејци во овој период и на тие пространства е сфатлива ако се има предвид зависноста од материјално-образовните капацитети на земјите каде се школуваат. И Бугарија и Србија а особено Русија се институционално силни и јазично блиски, па најмалку што можеле Македонците е да ја ставаат пред себе маската на “Словенството”, но никогаш не заборавајќи го крајното – Македонец (за овој тип “ставање маски” и Мисирков опширно објаснува во “За македонцките работи”).