Грција со протесна нота до чилеанските власти

Македонија воспостави дипломатски односи со Чиле под уставно име, информираше Министерството за надворешни работи. Тоа, како што велат од МНР, е резултат на повеќемесечни разговори меѓу високи дипломати на двете земји.


Шефовите на дипломатиите на земјава, Антонио Милошоски и на Чиле, Алехандро Фоксли "размениле дописи во кои меѓусебно си го честитаат воспоставувањето дипломатски односи и искажуваат желба за интензивен развој на соработката на билатерален и на мултилатерален план". Со одлуката на Чиле, бројот на држави што ја признаваат земјава под уставното име е 124.

Грција пак веднаш испратила протесна нота до Чиле поради признавањето на уставното има на Македонија, јавија грчките медиуми кои укажуваат "неколку дена пред заседанието на Обединетите нации во Њујорк, Чиле го призна Скопје под уставното име "Република Македонија", што предизвика остри реакции во Атина".

Официјална Атина со цел да ги информира државите од Латинска Америка за текот на преговорите за името меѓу земјава и Грција, го испратила на турнеја амбасадорот Кристидис. Според соопштението објавено на веб страницата на грчкото министерство за надворешни работи, амбасадорот ги информирал властите на тамошните држави "за тактиката на одолговлекување што ја спроведува владата во Скопје". Во информацијата на грчкото МНР се наведува дека земјите што ги посетил грчкиот амбасадор имаат воспоставено дипломатски односи со нашава земја и го користат како што се вели "таканареченото уставно име".

(С.Д.)