Нема промена на името за влез во НАТО

Најголем поддржувач на Македонија за влез во НАТО се Соединетите Американски Држави, сметаат испитаниците. Дури 61,4 се изјасниле дека САД имаат најпријателски однос кон земјава


Македонците не прифаќаат промена на уставното име на земјава на сметка на влез во НАТО Алијансата. Последната анкета на Институтот за демократија, спроведена од 7 до 10 септември годинава, покажува дека околу 70 отсто, или 779 од 1113 од анкетираните биле против промена на името заради НАТО. 22,5 отсто се изјасниле за промена на името, а околу 7,6 отсто немаат свое мислење. Ако пак следната недела биде распишан референдум за влез на Македонија во НАТО, 945 испитаници или 85,2 отсто од анкетираните би гласале за влез. Против се само 6,1 отсто, а 2,2 отсто нема да излезат на гласање. Сепак, граѓаните не знаат какви бенифиции може да донесе НАТО за земјава. Најголем дел од нив очекуваат стабилност, потоа развој на економијата и подобрување на квалитетот на животот во целина. Некои од нив дури сметаат дека НАТО ќе помогне во остварување на човековите права и слободи, ќе го олесни визниот режим, намалување на невработеноста, на корупцијата, ќе го подобри земјоделието и образованието.

_________________________________________________________________________

Најголем дел од испитаниците го немаат променето својот став за НАТО по Самиот во Букурешт, каде Грција стави вето на влезот на Македонија во Алијансата. Околу 500 од 1113 испитаници од кои 801 Македонци, 260 Албанци, а останатите припадници на другите заедници имаат исти став за НАТО. Подобрен став кон НАТО имаат 21,3 отсто од испитаниците, а полош 12,8 отсто.
Најголем поддржувач на Македонија за влез во НАТО се Соединетите Американски Држави, сметаат испитаниците. Дури 61,4 се изјасниле дека САД имаат најпријателски однос кон земјава. Потоа следува Словенија, Турција и Германија. На листата се и Италија, Белгија, Франција, Бугарија, Холандија, па дури и Грција.

Билјана ЗАФИРОВА