Поднесени 10 кривични пријави за затајување данок

До основното јавно обвинителство се поднесени кривични пријави против 13 лица управители и сопственици на фирми од Скопје и една од Крива Паланка кои го оштетиле буџетот за околу 11, 1 милиони денари


Управата за финанска полиција до Основното јавно обвинителство во Скопје поднесе десет кривични пријави против 13 лица управители и сопственици на фирмите: "Бети Инженеринг", "Букефал", "Гипс Декор", "НЃ Инженеринг", "Грамос ИНГ", ГТС "Проинг", "Деко Инженеринг", "Електро Цап", "Интек Системи", , "Ливорно" и "Јунит" сите од Скопје, и фирмата "Трново-М" од Крива Паланка.

Кривичните пријави како што информираат од Управата за финансиска полиција се поднесени затоа што пријавените во периодот од декември 2004 година до март 2006 година префрлиле парични средства на фирмата "Ливорно" од Скопје во износ од 31.508.952,00 денари, по основ на издадени фиктивни фактури, цесии и времени ситуации. Овластените лица, пак, на "Ливорно" со цел да стекнат противправна имотна корист за себе и за други префрлените парични средства ги подигале во готово и за истите не платиле персонален данок во износ од 3.293.861,00 денари. Не е платен ни ДДВ, во износ од 3.514.228,50 денари и данок на добивка во износ од 4.282.135,50 денари. Овие 13 лица вкупно го оштетиле буџетот за 11.090.225,00 денари.

(В.М.Б.)