Рафаел Жозеф Батино

Рафаел Жозеф Батино со псевдоним “Миша Цветковиќ”, Евреин од Битола истакнат револуционер од НОВ во Македонија, стрелан во јули 1942 год, во градот Пљевља Р.Црна Гора.


Токму заради псевдонимот Миша Цветковиќ долго време неговиот животопис, премрежјата и стрдањата што ги преживеал во еден подолг временски период, биле покриени со незнаење за вистинското негово име. Речиси целото негово семејство како и најголем број од еврејската заедница се ликвидирани од нацистичките орди и нивните сојузници соседи на Македонија, па немало кој нешто повеќе да посведочи за Рафаел. 

Најблиска и единствена преживеана негова родбина е првоборецот и носител на “Партизанска споменица 1941 год.” Жамила Колономос и висок политички раководител во Ослободителната војна и повоената изградба на Македонија и тогашна Југославија. Токму од неа се и дел од спомените за Батино но и тие се ретки зашто Батино патувал, се школувал и живеел доста време и надвор од Македонија, дури и во Мексико кај неговите роднини. 

Сепак неговото револуционерно дело остана и забележано низ архивите на работничкото движење во Македонија, подоцна и од неговите соборци, потоа од архивите на полицијата и затворите каде е апсен и излежува затворски казни како и други сеќавања од разни негови соработници. Сепак и таму во сеќавањата е главно под неговиот псевдоним Миша Цветковиќ па само упорните истражувања во подолг период го разоткрија поцелосно овој револуционерен лик. 

Во предвоениот период Батино е во затворот во Сремска Митровица, по априлската катастрофа бега и се приклучува во партизанската герила во Црна Гора.

Рафаел Батино е роден на 14 јануари 1910 год. во Битола од татко Жозеф и мајка Ребека Колономос. Потекнува од средно имотно семејство кое обезбедувало егзистенција како ситни трговци и занаетчии, бафчаннџии но не се либеле и од потешки работи во зависност од економските периоди и прилики. Живееле во битолското еврејско гето и доста е тешко и сложено да се навлезе во некои позначајни подробности на родословието од семејството Батино, бидејќи во текот на војната речиси никој не успеал да го одбегне холокаустот. 

Рафаел основното училиште го завршил во родната Битола, а потоа се запишал на Францускиот лицеј, кој тогаш бил единствената педагошка институција со повисоки методи на образование и воспитување. Лицејот го завршил со најдобар успех, што било доволно дури и самостојно да се грижи за своето идно животно опстојување за што и во практика давал часови на послаби ученици. Но татко му не сакал Рафаел да го продолжи натамошното високо наобразување сметајќи дека треба да се оддаде на занаетчиство или трговија. Сепак Рафаел бил упорен за да учи понатака па по кратко време заминува кај свои роднини во Мексико. Таму роднините му понудиле да се зафати за трговија која тој условно ја прифаќа зашто му требала за да можи да учи, инаку воопшто не го привлекувала. По кратко време прекинува со трговијата и продолжува со вонредно студира. Се вработува како наставник по математика во едно средно техничко училиште а повремено држел часеви и во едно економско училиште. Сепак и во Мексико економските прилики во тоа време се влошуваат па работи и други дополнителни работи – растовара на пристаништето за да може да го нмадоградува своето образование. Со успех а по подобрувањето на материјалните прилики преку дополнителната работа, ги совладува техничките наобразби на Универзитетот во Мексико, а набргу по нив пистапува и кон изучување на студии по хуманистичките науки. 

Токму на Мексиканскиот Универзитет се запознава со напредното работничко движење зашто и самиот ги запознал тешките експлоататорски услови во она време преку работатат на пристаништето.