ВАРДАР

Гане Тодоровски


Тој си е долг секога толку,
колку што еднаш се истегнал
од Вруток, па до Солун, и –
пресекол една Македонија!

Тој тече, како што си тече,
лудо, полетно, полезно, плавно,
здодевно, злогрдо, зачудувачки,
тој тече алтруистички!

Течам и јас, и јас сум тек,
тек горкорек, тек недорек,
течам и си го знам врутокот,
солунот не си го знам!

Јас не сум Вардар, ни завардарен,
не сум превардарен, ни подвардарен,
може сум варден, та недоварден,
јас тек без ширина и должина!

Таков сум, бидејќи нејќам
на две да делам никого,
дури ни Македонија - јас тек
со таму вруток кај и утока.

Напрајте пат да тече, молам,
тој таков тек,
без брегови, без корито, без дотек;
Нека да тече тој што си тече како што си тече,
важно е да се тече –
од Вардар, па се до мене!