Шмекери - докажете се

Да не се залажуваме дека вечерва ќе биде лесно против домаќинот Португалија, иако на првиот меч во Скопје направивме позитива од 37 кошеви. Мораме да бидеме мобилни во сите 40 минути, вели капитенот на селекцијата на Македонија Врбица Стефанов


Вечерва во Коимбра, Португалија, (22 ч) кошаркарската селекција на Македонија ќе ја "вози" претпоследната, петта, квалификациска етапа за учество на европското првенство во Полска, идната година. Противник е стариот муштерија Португалија со кого досега, во периодот од 1997 -2008 г, одигравме седум натпревари, од кои шест решивме во своја корист. Последниот во Скопје, на 6 септември, остана за паметење бидејќи нашите кошаркари победија дури со 85:48 (по првите 10 минути Македонија водеше со 22:4).

- Сигурно дека сме подобри од Португалија, но не толку како што покажа нашата пресметка во Скопје. Останувам на порано кажаното дека Португалците се добар тим, впрочем тоа го покажаа и на последниот меч со Естонија на гости (54:60). За нас вечерва е важно да победиме, да останеме онаму каде сме на табелата, на првото место. Не се занимавам со математики што би било кога би било, ние си ја гледаме нашата работа, сакаме да ја продолжиме победничката серија. Така и се подготвуваме иако во овој циклус имаме малку време за вистински тренинзи поради честите, долги патувања, вели селекторот на Македонија, Јовица Арсиќ.

Капитенот Врбица Стефанов кој со доста проблеми, здравствени, го одигра мечот со Латвија, иако беше најефикасен во тимот (16 кошеви) се обидува да ја спушти топката, се со цел да не ги зафати еуфорија соиграчите, дека се е готово, одиме сигурно во Полска на ЕП 2009.
- Да не се залажуваме дека ќе биде лесно, иако на првиот меч направивме позитива од 37 кошеви. Мораме да бидеме мобилни во сите 40 минути, да не ни се случи она како против Латвија, да имаме речиси постојано водство, а на крајот да стравуваме за победата. Точно е дека сме заморени бидејќи ова ни е трето долго патување за две недели, но во нашите нозе има доволно енергија, свежина да ја минеме и вечерашната пречка наречена Португалија, вели Врбица Стефанов.

"Не ни требаат математики, туку победи за пат во Полска"
Јовица АРСИЌ


ГРУПА Б

ДВОЈКИ ЗА ДЕНЕСКА
Португалија - Македонија (Коимбра, 22 ч), Латвија - Естонија.

ТАБЕЛА
1. Македонија 4 3 1 337:287 7
2. Латвија 4 3 1 328:286 7
3. Естонија 4 1 3 292:308 5
4. Португалија 4 1 3 221:297 5


Славчо ТРОШАНОВСКИ
ФОТО: Ѓ. Личовски