Кокино и на српскиот National geographic

Нашата мегалитска опсерваторија е претставена на дури 9 страници и со 5 фотографии. Постои голема веројатност дека и изданијата од регионот ќе се заинтересираат за овој напис


Нашата мегалитска опсерваторија Кокино се најде и на страниците на српското издание на престижниот "National geographic". Древната опсерваторија е претставена преку текст на Маријана Иванова и фотографии на Љупчо Илиевски.

Главниот уредник на српското издание, Игор Рил, во изјавата за ВЕЧЕР вели дека е можно сторијата да се објави во уште некоја земја од регионот. "Засега никој од маѓународната мрежа не се јавил, но постои голема веројатност дека изданијата од регионот ќе се заинтересираат за написот за Кокино", вели Рил.

Кокино е претставено на дури 9 страници и со 5 големи фотографии, а во рубриката "Локална тема". Во текстот се споменува дека во 2005 г., НАСА го стави Кокино на четврто место на листата најстари и најважни астрономски опсерватории во светот, но и дека посетите сеуште не се потполно организирани и дека е потребно да се работи на инфраструктура и популаризација.
"Археолозите и археоастрономите сметаат дека овој значаен локалитет, стар 4.000 години, во кој можеби се крие митот за светата планина, може да даде одговори на многу прашања важни за сите пелеобалкански народи", се вели во текстот.

Инаку, пред две години, познатиот авантурист Ричард Бенгс ја претстави Македонија на сајтот yahoo, каде на вториот ден од неговата прошетка, ги обиколи Кокино и Цоцев Камен.

ФОТО: Д. АНДОНОВСКИ
Дејан ТРАЈКОСКИ