МАНУ ќе прави енергетска стратегија

Науката се вклучува во решавањето на енергетските проблеми во земјава.


Истражувачкиот центар за енергетика, информатика и материјали ИЦЕИМ-при МАНУ заедно со целокупниот научен и стручен потенцијал во земјава до јануари 2009 година треба да ја подготви енергетската стратегија до 2020, со визија до 2030 година. Во неа треба да бидат прецизирани целокупните потреби за енергија во земјава, но и како тие ќе бидат задоволени. Ова вчера го соопшти академик Глигор Каневче по првата официјална средба со министерот за економија Фатмир Бесими.

Според него, целта на стратегијата е да направи една визија за потребите од енергијата во наредниот период и за можностите како таа да се обезбеди.
- Досега ниту една влада во земјава нема усвоено стратегија за развој на енергетиката во земјава - укажа академик Каневче.

Според него, досега се изработувале само елаборати и анализи, а сега Владата првпат е подготвена да усвои една стратегија врз основа на која ќе се изработи акционен план со конкретни насоки, бидејќи енергетиката е клучна за понатамошниот развој на стопанството и обезбедување на поголем стандард на граѓаните.

- Документот ќе биде значаен од аспект на геополитичка и стратешка позиција на земјава во регионот, но и како членка на енергетската зедница на Југоисточна Европа - смета Бесими.

(В.Ма.)