Планот за влез на Бугарите во Македонија 1915 год.

Според воениот план на бугарската Врховна команда за операциите во Србија била одредена I бугарска армија на чело со Генерал-лајтнант Климент Бојаџиев а за операциите во Македонија II бугарска армија командувана од Генерал-лајтнант Георги Тодоров.


II бугарска армија одредена за Македонија била составена од :

- Балканска дивизија, комадувана од Генерал-мајор Рибаров;
- Седма рилска пешадиска дивизија, командувана од Полковник Василев;
- Трета коњичка дивизија, командувана од Полковник Танев.

Оваа II бугарска армија требало да ги напаѓа српските сили на правецот Стршер-Лешко, па да продолжи со дејствата на правецот Крива Паланка- Царево село (Делчево)- Кочани и концентрирано да настапи во Овче Поле.

На југ од II бугарска армија се наоѓала II Тракиска пешадиска дивизија командувана од Генерал мајорот Димитар Гешов, со задача да дејствува по долината на реката Струма и кон градот Струмица.На овој правец требало да се испратат и 5-та Дунавска пешадиска дивизија командувана од Генерал-мајор Брнев и 11-та Македонска пешадиска дивизија командувана од Полковник Крсто Златарев, родум од Охрид.

III бугарска армија под команда на Генерал-лајтнантот Андреј Тошев, се наоѓала во Шуменско а 10-та Беломорска пешадиска дивизија е распоредена во Тракија крај брегот на Егејско Море.
За Главнокомандувачки на сите бугарски сили е назначен Генерал Жеков.
Според стратегискиот план на Врховната бугарска команда овие бугарски сили требало со смела и брза офанзива да го завземат Врање и долината на р.Морава и ја прсечат железницата и патната комуникација : Солун – Скопје – Куманово – Врање – Лесковац – Ниш.

Токму преку оваа комуникација српските сили добивале помош од сојузниците ( Антантата) кои се наоѓале во Солун. Со пресекувањето на оваа линија српската армија во Македонија би била отсечена,изолирана и со тоа подоцна постепено уништена. Заради остварување на овој стратегиски план, Бугарите требало да дејствуваат енергично и веднаш, па така и почнале без да губат време.