Македонија пред почетокот на I Светска војна

По распарчувањето од нејзините “ослободители”, вардарскиот дел од Македонија и припаднал на Србија која воспоставила воено-цивилна власт.


Македонија и поделбите по Балканските војни


- Милорад Вујичиќ е цивилен комесар на кралската влада кој директно го управува овој вардарски дел од Македонија. Тој му бил потчинет на Началникот на штабот на српската врховна команда во Скопје-војводата Радомир Путник.

- 14 декември 1912 год., српските власти ја донесуваат “Привремена уредба за уредување на власта во новоослободените територии”, како прва административно-политичка мерка по окупацијата на вардарскиот дел од Македонија.

- 18 август 1913 год., српските власти носат нова Уредба за уредување на власта во “новоослободените територии”.

- 20 ноември 1913 год., српскиот крал Петар I Караѓорѓевиќ носи указ со кој ги укинува претходните две Уредби и со посебен акт врши присоединување на вардарскиот дел на Македонија кон Кралството Србија. Српскиот Устав од 1903 год. официјално се вовел и во Македонија.

Српскиот крал Петар I Караѓорѓевиќ и војвода Путник во обиколка


Административната анексија на Македонија кон Србија се сметало полноважно со наводноста дека таа била стара српска земја (од цар Душан и наследниците !). Со ова и населението на овој дел од Македонија било сметано за српско. Кои други мерки ги преземаат српските власти :

- Македонија сега како српска територија била поделена на окрузи, околии и општини во склад со членовите 160 и 169 со Уставот од 1903 год.

- Спроведен е целокупен попис на населението и добитокот.

- Јануари 1914 год. (од почетокот на месецот) по предлогот од Министерот на војската, сето машко население од 20 до 29 години способно за војска е регрутирани да стапи во пешадија.

- 05 март 1914 год. со Наредба на Министерот на војската формирани се 3 полка од Македонци командувани од Срби-офицери. Тактичко-политички овие пешадиски полкови се разместени низ Србија и тоа Битолскиот полк во Ваљево, Брегалничкиот во Крагуевац а Вардарскиот во Белград.

Српскиот крал Петар I Караѓорѓевиќ врши смотра на пешадиски полк


- Овие 3 македонски полка броеле секој по 4 000 регрути и според формацијата биле уште и со максимален број Срби-старешини но и Срби свештеници. Така, пролетта 1914 год. се мобилизираат 12 000 Македонци-христијани испратени во Србија на обука а муслиманите не се мобилизирани и покрај барањето на Министерот, заради реакциите на Турција. Македонските полкови биле составени од по 4 батаљони :

• Битолскиот полк – Битолски, Прилепски, Кичевски и Дебарски.
• Брегалничкиот полк – Кочански, Штипски, Велешки и Кавадарски.
• Вардарскиот полк – Прешевски, Кумановски, Скопски и Тетовски.