Наколни населби во Македонија

Наколните населби во Македонија (Устие на Дрим и Црквени Ливади с.Враништа, Струшко, Наколец Ресенско и др.) се посебно интересни за анализа зашто суштествуваат низ различни периоди со спецификите на секој од нив.


Кренати на колци заради водата, условени се кон еден од основните начини за прехрана – риболовот, за што потврда ни се и пронајдените долги елипсовидни керамички тави за подготовка на риба, како и мноштвото од харпуни и тегови за рибарски мрежи и особено чуновите.

Чуновите стари повеќе од 4 000 години (денес се во Домот за култура - Ресен), пронајдени на бреговите на Преспански езеро во многу добро зачувана состојба, се особено интересни за анализа. Се работи за три чуна од новото камено време (околу 2 000 години п.н.е) изработени од еден вид зимзелено дрво и се од моноксилно потекло. Тоа значи дека се направени од едно издлабено стебло. Зимзелено дрво се вика “фоја”, а може и денес да се најде во регионот на с. Наколец и на Змискиот остров, т.е островот Голем Град.

Чуновите се пронајдени кај с.Наколец, име кое кажува само за себе а се наоѓа на најјужната македонска страна на Преспанското езеро, близу с.Долно Дупени и с.Љубојно, на околу 850 м. надморска височина.Селото некогаш било над езерото но денес водата е повлечена на околу 1 км. со што и се откриени секакви предмети кои водата долго ги криела но и чувала. Според експертите дрво кое нема директен допир со кислород, не се распаѓа со векови за што е доволно да се наоѓа под вода, под земја или оковано во санти мраз.

Чуновите од Наколец се долги околу 5 м. и се целосно рачно изработени, т.е издлабени. По коритото се заприметуваат дури и местата на кои мајсторот од неолитот на Македонија, удирал со примитивната алатка во дрвото за да го издлаби.

Постарите жители од Наколец сведочат дека како езерото се повлекувало излегувале цели контури од неолитската населба, големи колци, делови од поврзувани дрва и сл. форми на обработено дрво. Но со времето, а немајќи посебен интерес од надлежните институции, сите нив ги покрива тревата, ги суши сонцето ги јади мразот а ветрот ги разнесува или навејува со земја и песок. Особено се појавувале до скоро предмети околу црквата накај нејзиното подмножје, по повлекувањето на водата пред 20-тина години.